Вардар Неготино лесно се справи со Преспа

Ракометарите на Вардар Неготино ја запишаа втората победа во новата сезона од прволигашката конкуренција.

Избраниците на Аце Станковски прославија триумф над Преспа на домашен терен со 31-22 во натпревар од 4 коло.

Гостите водеа со 2-0, а потоа се беше во знакот на домаќините кои на паузата водеа со 16-11, а потоа рутински го одработија и вториот дел.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа крилата Мартин Димов со осум и Костадин Петров со седум гола, а Мартин Табаковски даде шест погодоци за Преспа.

Во следното коло Преспа ќе го пречека составот на Радовиш, додека Вардар Неготино ќе гостува кај Текстилец во Штип.