Червар им одговори на критичарите: Ќе играме и „седум на шест“ и „шест на шест“

Начинот на кој Еурофарм Пелистер ја користи играта со седум ракометари во нападот предизвика многу реакции по поразот од Ла Риоха во средата.

Лино Червар ги слушнал критиките, но потенцира дека нема да се откаже од своите идеи поради коментарите на социјалните мрежи. Еурофарм Пелистер во првиот меч дома од Лига Европа загуби со 24-31.

Битолчани често напаѓаа „седум на шест“ против шпанскиот тим, а ризикот не секогаш им го донесе посакуваниот резултат. Червар е свесен за полемиките, но порача дека негова обврска е да анализира и да го избере системот за кој верува дека најмногу ќе ѝ помогне на екипата.

„Ги слушам критиките и знам што се зборува, особено на социјалните мрежи. Прашањето е добро поставено, но такви работи секогаш ќе има. Кога на клупата е тренер со моето име и презиме, нормално е да има полемики, а и треба да ги има. Тоа не ми пречи. Јас морам да продолжам по својот пат, да анализирам сè и да носам одлуки за кои верувам дека се најдобри за екипата“, изјави Червар.

Искусниот стратег нагласи дека „седум на шест“ нема да биде единствениот начин на кој ќе игра Еурофарм Пелистер. Тимот ќе работи и на класичниот напад со шест ракометари, а системот ќе се менува во зависност од противникот и ситуацијата на теренот.

„Секако дека мора да знаеме да играме и шест на шест. Не смееме тоа да го заборавиме и мора многу да работиме на тој дел од играта. Имаме и нови ракометари со кои допрва треба да работиме и кои треба да се вклопат во системот. Сигурно ќе играме и седум на шест и шест на шест. Нема да играме само седум на шест, затоа што би било смешно цело време да го користиме само тој систем. Ќе го користам, но сигурно нема да биде единственото решение“, дополни Червар.

Тренерот на битолчани не сакаше да издвојува поединци по досегашниот дел од сезоната. Според него, вистинската слика за екипата ќе се добие во следниот период, кога ќе следува густ распоред на домашната и на европската сцена.

„Не би сакал сега некого посебно да издвојувам, затоа што сè уште е рано. Следува тежок и интензивен период, па потоа ќе можам да кажам нешто повеќе. Распоредот е напорен, но како што е за нас, така е и за другите. Мора да се приспособиме, да продолжиме да работиме и да се обидеме да бидеме подобри. Какви ќе бидат резултатите, ќе видиме“, заврши Червар.

▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
📲.
Со еден клик до сите вести.
🤾

Пелистерци рутински до бодови кај Бутел Скопје