Охрид доаѓа по добар резултат во Скопје: Стрмљан најави голема битка со Вардар!

Актуелниот освојувач на Купот на ЕХФ, Охрид, пред стартот на одбраната на трофејот, го очекува нов голем предизвик во македонската Супер лига, а викендов охриѓани ќе гостуваат кај актуелниот шампион Вардар.

Пред дербито, своите очекувања ги сподели словенечкиот интернационалец Тилен Стрмљан, кој е свесен за квалитетот на „црвено-црните“, но верува дека Охрид може да одигра рамноправен натпревар.

„Нѐ очекува тежок натпревар против екипа која игра квалитетен ракомет не само во Македонија, туку и во Лигата на шампионите. Нашата задача е добро да се подготвиме и максимално да одговориме на предизвикот. Со Вардар веќе игравме трипати, добро се познаваме и знаеме што можеме да очекуваме“, изјави Стрмљан.

Словенецот потенцира дека охриѓани во Скопје нема да патуваат со бело знаме. Целта е тимот да го даде максимумот и да се обиде да стигне до позитивен резултат.

„Одиме во Скопје да го дадеме својот максимум и да се обидеме да направиме добар резултат. Верувам дека ако одиграме дисциплинирано и борбено, можеме да бидеме рамноправен противник“, додаде ракометарот на Охрид.

Охрид и Вардар веќе се познаваат од претходните меѓусебни дуели, а претстојниот натпревар се очекува да биде едно од најинтересните соочувања во новото коло од македонската Супер лига.

Meчот се игра утре од 18:30 часот во СЦ „Јане Сандански“.