Гола сака назад во Фленсбург, но Мелсунген бара најмалку 1,5 милиони евра!

Само три месеци откако го напушти Фленсбург и се пресели во Мелсунген, Јоханес Гола повторно сака да се врати во својот поранешен клуб.

Капитенот на германската репрезентација летово направи трансфер во Мелсунген по осум години поминати во Фленсбург, но семејните причини повторно се во преден план.

Според информациите на германскиот „Билд“, 28-годишниот кружен напаѓач веќе разговарал со раководството на Мелсунген и побарал предвремено раскинување на договорот.

„Јоханес ни се обрати со желба предвреме да го прекине договорот. Семејството сака да се врати во Фленсбург. Во принцип ја почитуваме неговата желба, но секако дека не е толку едноставно“, изјави спортскиот директор на Мелсунген, Јеспер Ларсон.

Гола летово го напушти Фленсбург по осум години и се пресели во Мелсунген, со кој потпиша договор дури до летото 2031 година.

Сепак, уште на крајот на август тој отворено зборуваше за тешкотиите со адаптацијата на неговото семејство во новата средина.

„Ова е тежок период. Пред сè за моето семејство, кое почнува од нула, ова е голема промена. Осум години бевме во Фленсбург. Нашите деца се родени таму и таму го имаат целото свое опкружување. Затоа е потребно уште малку време“, изјави тогаш Гола.

Мелсунген бара милионска отштета

Доколку Гола навистина се врати во Фленсбург, трансферот нема да биде едноставен.

Според „Билд“, двата клуба веќе разговараат за можноста трансферот да се реализира во летото 2027 година, но Мелсунген за неговото ослободување бара сериозна отштета.

Наводно, клубот би прифатил трансфер само доколку Фленсбург плати најмалку 1,5 милиони евра.

Фленсбург веќе размислува за иднината на позицијата пикер. Договорот на Арнар Фрејр Арнарсон истекува следното лето, Блаж Благотиншек е врзан до 2028 година, додека капитенот Емил Бергхолт има договор до 2029 година.

Гола во Мелсунген пристигна токму од Фленсбург, но неговата приказна со клубот од северот на Германија можеше да продолжи и по осумте години поминати таму.

Во Фленсбург пристигна во 2018 година и постепено се разви во еден од најдобрите пикери во светот. Со клубот ја освои титулата во Бундес лигата во 2019 година, а во 2024 и 2025 година ја освои Европската лига.

За германската репрезентација Гола досега има 121 настап и 419 голови. Со националниот тим освои олимписко сребро во Париз во 2024 година, а годинава стигна и до среброто на Европското првенство.

Сега останува да се види дали само неколку месеци по заминувањето од Фленсбург, германскиот репрезентативен капитен навистина ќе направи нов пресврт во кариерата.