Војната го зема данокот – Украина ги повлекува екипите од меѓународните натпревари?!

Украинскиот ракомет е пред исклучително тешка одлука. Поради финансиската и безбедносната состојба, како и огромните логистички трошоци, федерацијата предупреди дека постои голема веројатност да ги повлече своите екипи од меѓународните натпреварувања. Приоритет ќе биде настапот на женската репрезентација на ЕП 2026 и продолжувањето на домашните првенства.

Последиците од војната сè посилно се чувствуваат и во украинскиот ракомет. Украинската ракометна федерација предупреди дека поради финансиските и безбедносните проблеми може да биде принудена да направи радикален чекор – повлекување на своите екипи од меѓународните натпреварувања.

Генералниот секретар на федерацијата, Саша Гладун, во известување до ракометната јавност посочи дека ситуацијата станала исклучително тешка.

„Поради исклучително тешката финансиска и безбедносна ситуација, Украинската ракометна федерација многу веројатно ќе мора да ги повлече сите свои екипи од меѓународните натпреварувања“, се наведува во информацијата пренесена од повеќе европски ракометни медиуми.

Чекање и по 15 часа на граница

Проблемот не е само финансирањето на клубовите и репрезентациите. Од федерацијата објаснуваат дека меѓународните патувања стануваат сè поскапи и покомплицирани. Посебен проблем се условите на украинската граница, каде екипите во одредени случаи чекаат и до 15 часа.

Таквата ситуација значи дополнителни трошоци за превоз, сместување и организација, а секое европско гостување станува огромен финансиски и логистички предизвик.

„Имаме исклучително високи логистички трошоци и многу тешки услови на украинската граница. Чекањето може да трае до 15 часа. Тоа ги прави меѓународните патувања сè потешки и претставува дополнително големо финансиско оптоварување“, стои во пораката на федерацијата.

Од Украина нагласуваат дека информацијата првично била предупредување и дека за ситуацијата ќе бидат известени ЕХФ, ИХФ и останатите засегнати федерации и организации.

Женската репрезентација останува приоритет

И покрај тешката состојба, Украинската федерација сака да обезбеди средства барем за настапот на женската репрезентација на Европското првенство во декември.

Украина обезбеди место на ЕП 2026, а на завршниот турнир ќе игра во групата Е во Катовице со Франција, Полска и Фарските Острови. Првиот натпревар е закажан за 5 декември против Фарските Острови.

Покрај настапот на женската селекција, друг приоритет на федерацијата е да се обезбеди нормално продолжување на домашните машки и женски првенства.

Неизвесни и европските настапи на Мотор и Галичанка

Евентуалната одлука би можела директно да влијае и врз клупските европски натпреварувања. Во машкиот ЕХФ Куп, Украина сезонава ја претставува Мотор Запорожје, кој во второто коло треба да игра против словенечки Словењ Градец.

Првите натпревари се предвидени за 17/18 октомври, а реваншите една недела подоцна. Во женскиот ЕХФ Куп учесник е Галичанка Лвов, која во второто коло е извлечена против Жалгирис Каунас од Литванија.

Засега ЕХФ и натаму ги води двата украински клуба како учесници во натпреварувањата, па конечна одлука за нивното евентуално повлекување сè уште нема јавно објавено.

▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
📲.
Со еден клик до сите вести.
🤾