Актуелниот дански шампион Алборг направи голем потег за иднината и обезбеди потпис со еден од најталентираните средни бекови во европскиот ракомет.
Репрезентативецот на Фарски Острови, Елиас Елефсен а Скипаготу од летото 2027 година ќе го носи дресот на Алборг, каде што ќе пристигне како слободен играч од германскиот гигант Кил.
24-годишниот ракометар професионалната кариера ја започна во својата татковина во Х71 во сезоната 2019/20, а една година подоцна се пресели во Шведска, каде што настапуваше за Севехоф.
Во 2023 година следуваше трансфер во Кил, каде што Скипаготу брзо се наметна како еден од клучните играчи. Неговите настапи во Германија, но и одличните партии во дресот на Фарските Острови, го ставија меѓу најбараните млади плејмејкери во Европа, но Кил сепак не се реши да го задржи, особено што летово го донесе Домен Макуц.
„Со Елиас во тимот добиваме играч од светска класа, кој во последните сезони беше еден од носителите на играта на Кил и на успешната приказна на репрезентацијата на Фарските Острови. Неговата техника, разбирањето на играта и играта еден на еден се само дел од неговите квалитети. И покрај возраста, повеќепати покажа дека не се плаши да преземе одговорност во клучните моменти“, изјави тим-менаџерот на Алборг, Мартин Ларсен.
Од данскиот клуб очекуваат Скипаготу да биде важен дел од тимот во обидот да се направи уште еден чекор кон најголемиот европски трофеј.
„Целта да стигнеме до врвот на Европа многу ме привлекува. Со нетрпение очекувам да бидам дел од возбудлив состав со многу квалитетни играчи и се надевам дека ќе помогнам да освоиме уште трофеи“, порача Скипаготу.
Средниот бекк досега има 31 настап за репрезентацијата на Фарските Острови, а во 2024 година беше избран од ИХФ за „Најдобар млад играч на годината“.
Во 2025 година со Кил го освои германскиот Куп, а во септември истата година беше прогласен и за играч на месецот во Бундес лигата.
Минатата сезона 2025/26 ја заврши како најдобар стрелец на Кил со 150 гола на 22 натпревари во Бундес лигата, а неговите одлични партии му донесоа и место во идеалниот тим на сезоната како најдобар плејмејкер.
Така, Алборг од летото 2027 година ќе добие уште една голема европска ѕвезда, а Скипаготу ќе продолжи да ја гради кариерата во клуб кој има јасна амбиција – титулата во Лигата на шампионите.
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet . Со еден клик до сите вести.
























