Червар: Нè ставија меѓу фаворитите, но тоа мора да го докажеме на теренот

Еурофарм Пелистер го очекува првиот натпревар од новата сезона во Лигата на Европа, а противник на битолчани ќе биде шпанската Ла Риоха.

Тренерот Лино Червар очекува тежок натпревар, во кој одбраната, енергијата и поддршката од трибините можат да бидат решавачки.

Пелистерци се вбројуваат меѓу екипите кои треба да се борат за висок пласман во натпреварувањето, но Червар смета дека прогнозите мора да се потврдат на теренот.

„Нè вброија меѓу фаворитите, покрај Гумерсбах и Ла Риоха. Тоа можеби е малку преамбициозно, но за нас не претставува изненадување. Мора добро да се подготвиме, мора да работиме добро до почетокот, бидејќи наш прв противник е Ла Риоха. Многу го ценам шпанскиот ракомет, а Ла Риоха е клуб со кој веќе сум играл и кој има голема традиција. Тоа ќе биде тежок натпревар и пред ракометарите е сериозна работа. Мора да бидеме подготвени и да играме со многу енергија и ментална сила, бидејќи тоа е многу важно. Посебно сметам дека клучна ќе биде нашата одбрана. Екипата што има добра одбрана има и големи шанси да го добие натпреварот“, изјави Червар.

Почетокот на европската сезона носи и поголеми очекувања од јавноста. Искусниот стратег е задоволен од атмосферата во екипата, а очекува и исполнети трибини во салата „Боро Чурлевски“.

„Ова е нашиот прв натпревар во Европската лига и луѓето очекуваат многу од нас. Многу сум задоволен од атмосферата меѓу ракометарите и очекувам голем број навивачи во салата. Публиката е силно поврзана со нашиот клуб. Успесите на Еурофарм Пелистер не би биле можни без нејзината поддршка. Публиката е нашата сила и наш играч повеќе, а ние тоа мора да го оправдаме. Мора да покажеме голема енергија, желба и волја за победа. Страста за победа носи дополнителна енергија. Верувам во мојата екипа и верувам во Еурофарм Пелистер, затоа сум тука. Нема да биде лесно и пред нас не е едноставна задача. Сепак, со оптимизам го очекуваме натпреварот и, секако, сите посакуваме победа“, заврши Червар.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Ла Риоха се игра утре во салата „Боро Чурлевски“ со почеток од 20:45 часот.

▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet . Со еден клик до сите вести.