Еурофарм Пелистер подготвува посебна атмосфера пред стартот на новата европска сезона, а навивачите ќе имаат можност за дружење и забава уште пред почетокот на натпреварот со Ла Риоха во Лигата на Европа.
Битолчани на 30 септември ќе го одиграат првиот натпревар од групната фаза во новото европско натпреварување, а противник ќе биде шпанскиот претставник Ла Риоха. Натпреварот во „Боро Чурлевски“ е закажан за 20:45 часот.
Во пресрет на европскиот дуел, клубот ќе организира фан-зона под мотото „Осмиот играч“, посветена на навивачката група Чкембари и 41-годишнината од нејзиното постоење.
Фан-зоната ќе биде поставена на платото пред спортската сала, а програмата ќе започне од 18:00 часот. За присутните се предвидени музика и диџеј, навивачко шминкање, 360° камера, клупски производи, зона за најмладите, како и храна и пијалаци.
Пред почетокот на натпреварот ќе биде организирано и заедничко одбројување, по што навивачите ќе се упатат кон трибините за да му дадат поддршка на тимот во првиот европски предизвик.
Еурофарм Пелистер и во претходните сезони организираше фан-зони пред домашните европски натпревари, со цел атмосферата да започне уште пред влезот во салата.
Со пораката „На теренот се седум. Осмиот е на трибините“, клубот ги повикува навивачите да дојдат порано и заеднички да го најават почетокот на европската авантура.
Еурофарм Пелистер ќе биде единствениот македонски претставник во групната фаза на Лигата на Европа, каде покрај Ла Риоха ќе игра и против германскиот Гумерсбах и полскиот Вибжеже Гдањск.

























