Усвоена Охридската декларација – „Една игра. Една визија. Посилни заедно“

Првиот женски ракометен форум во Охрид не заврши само со споделување инспиративни приказни, искуства и важни пораки. Собирот доби и конкретен документ што треба да претставува основа за заедничко дејствување и создавање подобри услови за идните генерации ракометарки.

На форумот беше усвоена и потпишана „Охридската декларација за развој и унапредување на женскиот ракомет“, со која се повикува на долгорочна соработка меѓу федерациите, клубовите, спортистките, тренерите, медиумите, институциите и деловната заедница.

Декларацијата предвидува поголемо вклучување на девојчињата во ракометот, подобри услови за развој на младите ракометарки, поддршка за женските клубови и репрезентации, поголема застапеност на жените на раководни и стручни позиции, како и посилна медиумска промоција и регионална соработка.

Посебно место во документот имаат создавањето безбедна спортска средина и продолжувањето на Женскиот ракометен форум како традиционално место за средби, идеи и конкретни иницијативи.

Потписнички на Охридската декларација се петте панелистки на форумот – Индира Кастратовиќ, Андреа Лекиќ, Лидија Хорват, Сузана Лазовиќ и Драгана Цвијиќ.

Во продолжение интегрално ја пренесуваме Охридската декларација:

ОХРИДСКА ДЕКЛАРАЦИЈА

За развој и унапредување на женскиот ракомет

Охрид, 26 септември 2026

Ние, учесничките, гостите, спортистките, поранешните и актуелните ракометарки, тренерите и претставниците на ракометната заедница собрани на Првиот женски ракометен форум – Охрид 2026, обединети од љубовта кон ракометот и одговорноста кон идните генерации, ја усвојуваме оваа Декларација како заедничка определба за посилна иднина на женскиот ракомет.

Веруваме дека женскиот ракомет има огромен спортски, општествен и образовен потенцијал и дека неговиот развој бара заедничка визија, долгорочна стратегија и континуирана соработка меѓу федерациите, клубовите, спортистките, тренерите, медиумите, институциите и деловната заедница.

Со оваа Декларација се обврзуваме да работиме на:

  • Поголемо учество на девојчињата во ракометот, преку програми во училиштата, клубовите и локалните заедници.
  • Подобри услови за развој на младите ракометарки, со квалитетна стручна работа, натпревари, кампови и меѓународни искуства.
  • Задржување на девојките во спортот, особено во чувствителниот период на премин од младински во сениорски ракомет.
  • Поголема поддршка за женските клубови и националните селекции, со цел создавање стабилен и конкурентен систем.
  • Поголема застапеност на жените во ракометот како тренери, судии, делегати, спортски работници, менаџери и носители на одлуки.
  • Подобра промоција и медиумска видливост на женскиот ракомет, со повеќе телевизиски преноси, дигитална содржина, приказни за спортистките и присуство на социјалните медиуми.
  • Создавање силни женски спортски примери, преку вклучување на успешните поранешни и актуелни ракометарки во едукацијата и инспирацијата на новите генерации.
  • Регионална соработка, преку заеднички турнири, кампови, форуми, едукативни програми и размена на искуства меѓу земјите од Југоисточна Европа.
  • Почитување, еднакви можности и безбедна спортска средина за секоја девојка и жена која е дел од ракометот.
  • Континуитет на Женскиот ракометен форум, кој треба да прерасне во традиционално место за средба, идеи, иницијативи и конкретни активности за развој на женскиот ракомет.

НАШАТА ЗАЕДНИЧКА ВИЗИЈА

Нашата цел не е само да создадеме подобри ракометарки.

Нашата цел е да создадеме систем во кој секое девојче што ќе ја земе ракометната топка во раце ќе има можност да сонува, да напредува и да стигне до највисокото ниво.

Од Охрид испраќаме заедничка порака:

„Една игра. Една визија. Посилни заедно.“

Оваа Декларација претставува почеток на заедничка иницијатива за поврзување на женската ракометна заедница во Македонија и регионот и создавање подобра иднина за генерациите што доаѓаат.

▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
📲.
Со еден клик до сите вести.
🤾