„Регионалната лига ме изгради како играч – мора да стане стабилен проект!“

Андреа Лекиќ смета дека на женскиот ракомет секогаш му се потребни повеќе квалитетни натпревари.

Таа потсети дека токму средбите во некогашната Регионална лига имале огромно влијание врз нејзиниот развој и изрази надеж дека обновеното натпреварување ќе прерасне во долгорочен и стабилен проект.

„За мене никогаш нема доволно натпревари и квалитетни турнири за женските ракометни екипи. Затоа испраќам голем поздрав и поддршка за Женската регионална ракометна лига.

Јас растев со тоа натпреварување, кое во тоа време имаше навистина феноменален квалитет. Најискрено, токму натпреварите во Регионалната лига многу придонесоа во моето ракометно созревање.

Во тој период настапував за Крим во Словенија. Регионалната лига беше нешто прекрасно, бидејќи имав можност да играм против врвни екипи од сите околни земји. Дел од натпреварувањето беше дури и Хипо од Австрија.

Би сакала оваа лига да заживее како долгорочен проект. Почнавме, а на првата сезона треба да гледаме како на еден вид тест. Треба да видиме што функционира, што можеме да поправиме и што треба да подобриме за следната сезона.

Верувајте дека воопшто не беше лесно да се организира ниту оваа прва сезона. Бев дел од тие состаноци и знам дека беа вложени максимални напори за да се пронајде решение и да се усогласат федерациите и националните лиги.

Особено сложена е ситуацијата со хрватската лига, која има многу исполнет календар. Ракометарките што настапуваат во Лигата на шампионите играат и во среда и во сабота и се изложени на големо оптоварување.

Истото важи и за словенечки Крим и за Будуќност, кои играат на високо ниво и имаат голем број натпревари. Усогласувањето на календарите во моментов е најголемиот предизвик за сите клубови.

Секој почеток е тежок, но овој почеток истовремено е и убав. Се надевам дека лигата ќе заживее како сериозен, долгорочен и стабилен проект, бидејќи целиот регион може да добие огромна корист.

Ракометарките што не играат во Лигата на шампионите или таму не добиваат голема минутажа, преку Регионалната лига ќе имаат можност да играат и да созреваат.

Тоа е исклучително важно. Кога клубовите постојано бркаат резултат, на тренерите им е многу тешко да им дадат поголема минутажа на младите ракометарки.

Затоа верувам дека Регионалната лига може да биде голема работа за сите нас и за иднината на женскиот ракомет во целиот регион“, порача Лекиќ.

Оваа сезона Регионалната лига се игра како пилот-проект, кој од следната сезона треба да биде на повисоко ниво, а од македонските екипи играат Ѓорче Петров и Чаир.