Професионалниот спорт носи успеси, медали и незаборавни моменти, но зад нив стојат и големи откажувања.
На првиот Женски ракометен форум во Охрид, Сузана Лазовиќ и Лидија Хорват зборуваа за жртвите што ги направиле во текот на своите кариери и за цената што ја плаќа секој што ќе го избере професионалниот спорт.
„Мислам дека секој спортист плаќа одредена цена. Но, ако навистина сакате да постигнете резултат, не би рекла дека се откажувате од сè. Цената што ја плаќаме и како ракометарки и како тренери се пропуштените родендени, прослави и времето што не сме го поминале со семејството. Можеби мене, како тренер, најтешко ми паѓа тоа што тренерот не може да има лош ден. Кога ќе се појави на теренот, мора да биде тренер. Како играч можеби и можете да имате лош ден, но не смеете негативното чувство да го пренесете врз екипата. Како тренер, сите проблеми мора да ги оставите пред вратата на салата. Мора да влезете и да ја пренесете позитивната енергија. Можеби и тоа е дел од цената што ја плаќаме. Сепак, не сметам дека станува збор за проблем што може да нè поколеба. Тоа е нешто зад кое треба да застанеме. Самите сме ја избрале оваа професија и мора силно да се бориме со сите предизвици што ги носи“, истакна Лазовиќ.
Со слична порака се надоврза и Лидија Хорват, која потенцираше дека секоја жртва станува полесна кога спортистот ја има вистинската поддршка од семејството и од најблиските.
„Кога ќе одлучите професионално да се занимавате со спорт и да бидете професионална ракометарка, мора да бидете подготвени на одредени откажувања. Како што кажа Сузана, најчесто жртвувате родендени, прослави, семејни собири, летувања, матури и матурски вечери. Секогаш постои некаква жртва, но најважно е да имате поддршка и покрај себе да имате семејство што го разбира тоа. Потребни ви се луѓе што ќе сфатат низ што поминувате. Ако луѓето со кои сте опкружени не го гледаат и не го разбираат тоа, тогаш жртвата станува многу поголема и понекогаш можете да се чувствувате навистина осамено. Сепак, можам да кажам дека спортот и ракометот се една прекрасна приказна. Запознавате многу прекрасни луѓе и создавате голем број пријателства. Никогаш не би го променила тоа. Кога повторно би се родила, повторно би го избрала истиот пат“, порача Хорват.
























