Стандардно пред стартот на секое натпреварување, Европската ракометна федерација прави ранкинг на екипите според квалитетот, моменталната форма, традицијата…а тоа го стори и за Лигата на Европа во која ќе игра Еурофарм Пелистер.
Македонскиот вицепрвак ќе биде дел од групата со бундеслигашот Гумерсбах, полскиот Вибжеже Гдањск и шпанската Ла Риоха, а според ранкингот на ЕХФ, битолчани се рангирани на високото второ место. Зад нив е Гумерсбах, а пред нив е само Фленсбург. Треба да се има предвид дека во Лигата на Европа ќе се приклучат уште 14 екипи од Лигата на шампиони (12 по групната фаза и уште две по главната рунда).
Според ЕХФ, покрај двата бундеслигаши и Еурофарм Пелистер, хрватскиот Нексе Нашице е меѓу фаворитите за Ф4 во Хамбург, додека во ТОП 10 ранкингот се уште и норвешкиот Елверум, швајцарскиот Кадетен Шафхаузен, шпанскиот Гранољерс, францускиот Лимож, шпанската Бидасоа Ирун и шведскиот Савехоф.
„По три последователни години во ЕХФ Лигата на шампионите, Еурофарм Пелистер се враќа во ЕХФ Европската лига за својата четврта сезона во ова натпреварување, предводен од вистинска ракометна легенда – Лино Червар. Иако сега има 76 години, Червар и понатаму е исклучително мотивиран да стигне до самиот крај со битолскиот тим. Составот го сочинуваат голем број македонски репрезентативци, како Филип Кузмановски и Никола Митревски, како и интернационални ѕвезди, меѓу кои словенечкиот репрезентативец Ник Хенигман и Бразилецот Рудолф Хакбарт. Натпреварите против Гумерсбах во групната фаза ќе бидат првите големи моменти на ова натпреварување“, се вели во најавата на ЕХФ за битолчани.
Битолчани го очекуваат стартот на новата сезона во Лигата на Европа со домашниот натпревар против Ла Риоха на 30 септември од 20:45 часот.























