МЛАДИНЦИ: Крстески одбрани за победа на Охрид, Бутел со убедливо издание, Вардар славеше во Автокоманда

Со четири натпревари и вкупно 254 погодоци стартуваше новата сезона во младинската машка лига. На победи во првото коло се израдуваа Охрид, Вардар, Бутел и актуелниот шампион.

Најголемата драма беше видена во Илинден, каде Матеј Крстески одбрани седмерец во последните секудни од мечот и му донесе победа на Охрид. Резултатски се издвојува и гостинскиот триумф на Вардар во Автокоманда, додека тимот на „витамините“ ја забележа најубедливата победа.

Крстески одбрани седмерец за триумф

Охрид ги освои бодовите на гостувањето кај Илинден со минимални 27-26, во најнеизвесниот натпревар од првото коло.

Гостите водеа во најголемиот дел од првото полувреме и на паузата заминаа со минимална предност од 14-13. Илинден постојано се враќаше, а во вториот дел во два наврати успеа и да поведе – 19-18 и 21-20.

Во 49. минута резултатот беше 23-23, по што Охрид со четири последователни погодоци се одлепи на 27-23. Домаќините не се предадоа и со серија од 3-0 намалија на 26-27.

Вистинската драма следуваше на 9 секунди до крај, кога Илинден доби седмерец за реми. Голманот Матеј Крстески го одбрани ударот и стана херој на охридскиот состав.

Илија Трајчески беше најефикасен со десет гола, Тане Јанчески постигна осум за Охрид, додека Милан Стојевски деветпати ја погоди мрежата за поразениот состав на Илинден.

Вардар со пресврт го доби дербито во Автокоманда

Резултатот кој најмногу се издвојува во првото коло е победата на Вардар над „сино-белите“ од Автокоманда со 34-30.

„Црвено-црните“ во почетниот период имаа водство од 5-3, но домаќините го свртеа резултатот и на полувремето заминаа со предност од 14-12. Тимот од Автокоманда продолжи во ист ритам и во 36. минута поведе со 20-17.

Тогаш започна враќањето на Вардар. Гостите израмнија на 21-21, а по последното израмнување на 23-23 целосно ја презедоа контролата. Во 48. минута поведоа со 27-24 и до крајот не му дозволија на противникот да се врати.

Михаил Арсиќ со девет гола беше прв стрелец на натпреварот, Тео Радуловиќ постигна осум, додека Кирил Гошевски и Борјан Вељановски завршија со по седум реализации. Давор Мечкароски и Марин Деспотовски додадоа по шест гола за победничкиот состав на Вардар.

Шампионот веднаш ја покажа силата

„Вториот тим од Автокоманда“ убедливо ја започна одбраната на шампионската титула, совладувајќи го Еурофарм Пелистер со 38-24.

Домашниот состав уште во почетните минути поведе со 4-1, а потоа ја зголеми предноста на 10-5 и 15-6. На полувремето беше 17-10, па уште тогаш можеше да се насети конечниот исход.

Тимот предводен од Никола Матлиески продолжи да доминира и во вториот дел. Во 51. минута шампионот стигна до највисоки 34-19, а битолчани до крајот само малку ја намалија негативата.

Ангел Кленкоски беше најефикасен со десет гола, Матео Костоски постигна осум, а Јаков Трајковски шест. Кај Еурофарм Пелистер се истакнаа Матеј Мачковски со пет и Михаил Јовевски со четири погодоци.

Бутел ја мина границата од 40 гола

Најефикасниот тим во првото коло беше Бутел, кој на домашен терен го совлада Еурофарм Пелистер 2 со 41-34.

Битолчани поведоа со 2-1, но по почетните 3-3 следуваше силен период на Бутел. Домаќините направија серија и во 16. минута поведоа со 11-5, а на паузата имаа предност од 19-14.

Бутел во второто полувреме неколкупати водеше и со 11 гола разлика, а во финишот гостите успеаја само да го ублажат поразот.

Трајче Костов и Ѓорѓи Лешниковски постигнаа по осум гола за Бутел, а Лука Јовиќ додаде шест. Во составот на Еурофарм Пелистер 2 најефикасен беше Јован Симоновски со осум погодоци.

Ангел Кленкоски од „витамините“ од Автокоманда и Илија Трајчески од Охрид, со по десет реализации, се најдобрите стрелци по првото коло.

Младинци, 1 коло, резултати:

Илинден – Охрид 26-27 (13-14)
Мулти Есенс – Еурофарм Пелистер 38-24 (17-10)
Бутел – Еурофарм Пелистер 2 41-34 (19-14)
Алкалоид – Вардар 30-34 (14-12)

▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
📲.
Со еден клик до сите вести.
🤾