Тимот на Текстилец по победата во Ресен над Преспа, славеше и на второто гостување во новата сезона од Првата лига.
Штипјани го освоија целиот плен на тешкото гостување кај Македонија Ѓорче Петров, откако победија во неизвесна завршница со 36-34.
Домашните тргнаа одлично водеа со 8-4, па 9-5, но оттогаш како да застанаа. Прво штипјани израмнија на 9-9, а потоа со серија од 6-1 отидоа на највисоки пет гола позитива.
На паузата беше 19-17, а „лавовите“ дури на осум минути до крајот успеаја да се вратат во егал, 30-30. Потоа имаше погодоци на двете страни, но гостите го искористија исклучуањето на Станојоски, па Стојанов и Џинес му донесоа на Текстилец плус два во клучен момент, 35-33.
Македонија Ѓорче Петров намали преку Тотиќ, но сите дилеми околу победникот ги реши Јовановски со голот за 36-34, кога останаа за игра уште триесетина секунди.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Филип Џинес со осум и Јован Величков со седум погодоци, додека кај домашните се истакнаа Бојан Чакалиќ и Михаил Тотиќ со по девет гола.
























