Тарафета и Кожан воодушевени од „Јане“: Ова беше луд натпревар

Нант ги освои бодовите во Скопје, откако во драматичен натпревар од Лигата на шампионите го совлада Вардар со минимални 33-32. Францускиот тим издржа во неизвесната завршница, а по натпреварот Иан Тарафета и тренерот Грегори Кожан не го криеја задоволството од победата, но и воодушевувањето од атмосферата во СЦ „Јане Сандански“.

За шпанскиот репрезентативец Тарафета ова беше прв натпревар во Скопје и прва можност од теренот да ја почувствува атмосферата што ја создаваат навивачите на Вардар.

„Ова беше луд натпревар. За мене ова беше прво гостување кај Вардар и со нетрпение очекував да играм тука и да ја почувствувам оваа атмосфера. Навистина беше неверојатно – навивачите, атмосферата и екипата. Мислам дека ова беше многу цврст натпревар од почетокот до крајот. Многу сме среќни поради победата. Ова беше натпревар исполнет со многу емоции. Двата бода се наши и навистина сме многу задоволни“, изјави Тарафета.

Слични впечатоци имаше и тренерот на Нант, Грегори Кожан. Францускиот стратег призна дека неговиот тим очекувал тежок натпревар и дека за победата била потребна и доза среќа.

„Најпрво, честитки до Скопје. Ова беше луд натпревар. Вардар одигра многу добро. Знаевме дека ќе биде многу тешко да се игра и да се победи овде. Многу сме среќни, а вечерва имавме и малку среќа. Одигравме силен натпревар, а атмосферата беше луда. Како и за Иан, и за мене ова беше првпат во Скопје и беше неверојатно. Честитки за атмосферата и за натпреварот“, изјави Кожан.

Тренерот на Нант откри и дека победата била засенета од сериозна повреда во неговиот состав.

„Малку сме разочарани бидејќи вечерва имавме и една сериозна повреда, но победивме. Победивме и на крајот можеме да бидеме задоволни“, дополни Кожан.

Нант си замина од Скопје со двата бода, но и со силни впечатоци од амбиентот во „Јане Сандански“, каде што Вардар повторно имаше голема поддршка од исполнетите трибини.

 

❗❗  Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон… ❗❗