Вардар одигра уште еден неизвесен натпревар во Лигата на шампионите, но и вторпат сезонава остана без бодови. Пред полните трибини во СЦ „Јане Сандански“, Нант славеше со минимални 33-32.
Црвено-црните имаа одличен почеток, потоа му дозволија на францускиот тим да создаде повисока предност, но успеаја да се вратат и до крајот да останат во игра за позитивен резултат.
Тренерот Иван Чупиќ го опиша натпреварот како вистински „ролеркостер“.
„Најпрво, честитки до Нант. Како што кажаа тренерот и Тарафета, ова беше навистина луд натпревар – вистински ролеркостер.
Почнавме многу добро, а потоа Нант стигна до предност од четири или пет гола. Не знам како, но тие направија неколку грешки, а ние имавме среќа што на полувремето заостанувавме само еден гол.
Второто полувреме беше неверојатно за двете екипи. Имаше многу луди работи во нападот и многу луди моменти за голманите. Во текот на целото второ полувреме се играше гол за гол“, изјави Чупиќ.
Предводникот на Вардар смета дека искуството на Нант во Лигата на шампионите било еден од факторите што го решиле натпреварот.
„На крајот, секако дека сме разочарани. Можеби Нант имаше малку повеќе среќа, можеби беше и малку поискусен од нас во Лигата на шампионите, но на крајот ги заслужи двата бода.
Ние треба да учиме од овој натпревар, да работиме понапорно и подобро и да се обидеме да напредуваме до следниот домашен натпревар против Плоцк“, додаде тренерот на Вардар.
Чупиќ им се заблагодари и на навивачите, кои во текот на сите 60 минути му даваа силна поддршка на тимот.
„Сакам да им се заблагодарам на нашите навивачи и на полната сала. Беше навистина неверојатно повторно да се доживее ваква атмосфера, сега по завршувањето на мојата играчка кариера. Енергијата од трибините беше луда во текот на целиот натпревар.
Јас сум навикнат на оваа публика, но мислам дека за момците од Нант ова беше првпат овде и дека доживеаја нешто ново и убаво. Благодарам на сите што дојдоа и нè поддржуваа од првата до последната минута“, заврши Чупиќ.
❗❗ Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон… ❗❗

























