Вардар остана без првите бодови во новата сезона од Лигата на шампионите, откако во исполнетиот СЦ „Јане Сандански“ беше минимално поразен од Нант со 32-33.
Црвено-црните вторпат во низа одиграа рамноправен натпревар со силен европски противник, но повторно останаа без награда. По поразот од Мелсунген со 31-33, сега и францускиот тим ги освои бодовите во неизвесна завршница.
Голманот Васил Гогов по натпреварот не го криеше разочарувањето, но нагласи дека двете средби покажале дека Вардар може рамноправно да се натпреварува со најдобрите европски екипи.
„Најпрво сакам да му честитам на гостинскиот тим и да им се заблагодарам за добриот натпревар. Можам да кажам дека сме малку фрустрирани, бидејќи на два натпревара по ред во Лигата на шампионите сме многу блиску, а сепак сè уште сме далеку од бодовите.
Сепак, добро е што знаеме дека сме на нивото на најдобрите екипи. Знаеме што треба да правиме и на што треба да работиме. Ќе се обидеме да напредуваме и да бидеме подобри на секој следен натпревар“, изјави Гогов.
Вардар сега мора да ги извлече поуките од двете тесни средби и да продолжи да работи на деталите што можат да бидат решавачки во следните европски предизвици.
❗❗ Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон… ❗❗

























