Вардар се бореше до крај, Нант ја однесе победата од Скопје

Драма во Јане Сандански со среќен крај за Нант кој победи со 33-32. Во последната минута Нант од пенал поведе, а Вардар имаше последен удар, но заврши во гостинскиот голман. За францизите ова беше трет триумф во меѓусебните четири натпревари, а првпта во Скопје.

Полната сала во СЦ „Јане Сандански“ даваше одличен мотив за двете екипи. „Црвено-црните“ без оние играчи кои ги немаше и на првиот меч, но овојпат со „ветер во грб“ од трибините. Гладни беа скопјани за меч од лига на шампионите.

Вардар одлично го отвори натпреварот против Нант и по неполни четири минути поведе со 3-0. Двапати погоди Вукашин Воркапиќ, а првиот гол беше дело на Јака Малус, додека Васил Гогов забележа две одбрани во почетниот период.

Францускиот тим постепено се врати во игра и во осмата минута првпат израмни на 5-5. Вардар одговори преку Воркапиќ и повторно ја врати минималната предност, а по погодокот на Леон Љевар во 11. минута резултатот беше 8-7.

Потоа следуваше период со неколку грешки и неискористени напади на црвено-црните. Нант тоа го казни со серија од 5-0 и во 17. минута поведе со 12-8. Во меѓувреме Иван Чупиќ побара и тајмаут за да смени нешто во играта, а меѓу стативите застана и Милош Валах.

Вардар се врати во игра и намали на 11-12 во 20 минута преку Мохаб. Валах одбрани една топка, но во напад вардарци згрешија па Турна во контра заголеми на 13-11. Секоја грешка скапо се плаќа, и гостите брзо стигнаа до „плус 3“ за водство 14-11. Наместо намалување на два, по една техничка грешка на Вардар, гостите зголемија на 15-11 што беше дотогаш највисоко водство за Французите.

Во последната минута од првото полувреме гостите влегоа со предност од два гола (16-14) и тајмауат што го искористија. Но, од тој напад профитираше Вардар кој се одбрани, а потоа Фадуил погоди на празен гол, намалувајќи на 15-16, на 30 секунди до крај на првото полувреме.

Во последниот напад Валах одбрани, но само неколку секунди останаа, и немаше време да се огранизира напад за израмнување.

Второто полувреме почна со одбрана на Валах на пенал, a Вардар го израмни резултатот на 16-16, а потоа и на 17-17. Сега се играше „гол за гол“.
Во 40. минута имаше шанса Вардар да поведе, но откако Валах одбрани во напад Љевар не реализираше. Остана резултатот 20-20, па сега гостите бараа минута одбор за да најдат противигра за Вардар.

И со играч помалку Вардар играше конкурентно, и го „држеше резултатот“, па Малус израмни на 23-23, а потоа и на 24-24. Она што му недостасуваше на Вардар беа расположени голмани. До 46 минута Валах и Гогов имаа заедно седум успешни одбрани. Исто толку имаше и гостинскиот тим, но нивниот напад беше малку попрецизен.

Кога Нант поведе со 26-24 во 47 минута, Иван Чупиќ побара повторно тајмаут. Требаш да се најде начин да се врати Вардар во игра, а по стативата што ј погоди Фадуил, гостите има напад, но гол постигна Јака Малус на спротивната страна, намалувајќи на 25-26.

Валах одбрани, а во полуконтра Љевар израмни на 26-26. Во последните десет минути од мечот екипите влегоа со израмнет резултат, 27-27, и исклучување на Брие кај Нант.

Мохаб покажа дека е вистинско засилување, па една украдена топка ја упати кон празниот гол на Нант, за водство на Вардар до 28-27 во 51 минута. И повторно Вардар го искористи играњето на Нант без голман, па Воркапиќ зголеми на 29-27 во 52 минута.
Брзо се менуваа улогите и шансите. Нант погоди, па по едно пробивање на Вардар гостите дојдоа во ситуација на израмнат од пенал. И тоа го искористи Леополд за ново израмнување, 29-29.

Вардар сега имаше водство 30-29 и шанса за „плус 2“ но ударот на Мохаб заврши во ногата на гостинскиот голман. А пред голот на Вардар, Кеита направи пенал и исклучување, а Леополд погоди за ново израмнување 30-30.

И со играч помалку Вардар погоди и поведе, иако гостите брзо возвратија, па во 57 минута беше 31-31. Секој напад беше важен, секоја топка.
Јака направи техничка грешка, но Валах ја исправи со одбрана, и во 59 минута Вардар пак имаше напад за водство. Но, тој напад заврши со одбрана на гостинскиот голман, па во последните секунди Нант беше во позиција да замине со победа. Имаше напад и тајмаут

На 15 секунди до крај Нант се избори за пенал, кој повторно требаше да го шутира Леополд, што го реализираше. Во следниот напад Вардар имаше пак удар кој заврши со одбрана на гостинскиот голман, за конечни 33-32.

Абделах Мохаб со 10 гола беше најефикасен кај Вардар, а Јака Малус постигна 6 гола. Во екипата на Нант, 13 гола даде Ноам Леополд, а по 4 постигнаа Тарафета и Турна.

❗❗  Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон… ❗❗