Фуксе Берлин собира светски ѕвезди, но не е меѓу најбогатите – еве како успева!

Фуксе Берлин во последните години се етаблираше меѓу најдобрите клубови во Германија и Европа, но Боб Ханинг тврди дека успехот не доаѓа затоа што клубот има најмногу пари. Напротив, според првиот човек на „лисиците“, во Бундес лигата има пет или шест клубови со поголеми буџети.

Фуксе Берлин создава тим со Матијас Гидсел, Симон Питлик и Дика Мем, редовно се бори за трофеи и е дел од европскиот врв, но финансиски сè уште не е меѓу најмоќните клубови во Германија.

Тоа го тврди Боб Ханинг, човекот кој повеќе од две децении го гради берлинскиот проект.

„Финансиски, би рекол дека сме во горната третина. Не сме на самиот врв. Сигурно има пет или шест клубови кои имаат поголем буџет од нашиот“, изјави Ханинг.

Интересно е што на почетокот на 2026 година Ханинг откри дека буџетот на Фуксе е околу 11 милиони евра, при што дел од големите трансфери се финансираат со дополнителна помош од спонзорите. И покрај тоа, тој инсистира дека Берлин не може да се натпреварува со ривалите само со пари.

Клубот работи со релативно мала администрација, голем дел од работата се извршува волонтерски, а Ханинг сака парите да се насочуваат кон спортскиот дел и особено кон развојот на младите.

„Многу работи ги правиме волонтерски и имаме многу мала клупска администрација. Се трудиме со мал број луѓе да направиме што е можно повеќе, затоа што парите претпочитаме да ги вложуваме во младите играчи и во нивниот развој“, објасни Ханинг.

Потоа ја кажа и суштината на берлинскиот модел.

„Без младинската школа и без програмата за развој немаше да имаме никаква шанса да се натпреваруваме со најголемите клубови. Без овој модел не би можеле да бидеме конкурентни на највисоко ниво.“

Тој пристап не е само приказна за медиуми. Фуксе и ова лето беше прогласен за најдобар клуб во Бундес лигата според рангирањето за развој на млади ракометари, а во првиот тим веќе има повеќе играчи произведени во сопствениот систем.

Фуксе го има Матијас Гидсел, го договори Симон Питлик, а од 2027 година во Берлин ќе пристигне и Дика Мем. Тоа е бековска линија што на хартија изгледа како селекција на светски ѕвезди.

Ханинг е свесен дека таквите играчи чинат многу.

„Ако сакате Питлик, Дика Мем или Гидсел, јасно е дека не можете да ги добиете бесплатно“, порача тој.

Но идејата е скапите ѕвезди да бидат надополнети со играчи создадени во клубот. Матијаc Лангхоф, Тим Фрајхефер и Нилс Лихтлајн се само дел од примерите што Ханинг ги користи кога зборува за системот на Фуксе.

Тоа е и причината зошто Берлин може да состави екипа способна да се бори за европскиот врв, а истовремено да има неколку германски конкуренти со поголема финансиска моќ.

❗❗  Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон… ❗❗