Талант Душебаев: Бундес лигата е ракометна НБА

Талант Душебаев нема дилема која е најсилната ракометна лига во светот. Откако ги гледаше своите синови Алекс и Даниел на дуелот Гумерсбах - Мелсунген, искусниот стратег порача дека германската Бундес лига е на сосема друго ниво.

Само неколку дена по изјавата на Симон Питлик дека Бундес лигата ќе остане најсилното првенство во светот најмалку до 2030 година, стигна уште една силна пофалба за германската лига – овојпат од Талант Душебаев.

Селекторот на Франција беше во Германија за да го следи дуелот меѓу Гумерсбах и Мелсунген, натпревар во кој на спротивни страни беа неговите синови Алекс и Даниел Душебаев. Алекс сезонава го носи дресот на Гумерсбах, додека Даниел се пресели во Мелсунген.

Душебаев не ја криеше радоста што двајцата синови се дел од германската елита.

„Многу сум среќен што имаат можност да играат во најдобрата лига во светот. Тоа е како НБА, само во ракометот“, порача Душебаев.

Тој смета дека само присуството во Бундес лигата е голем чекор за секој ракометар и дека младите играчи треба да се стремат токму кон германскиот шампионат.

„Секогаш велам дека имав огромна среќа во животот, бидејќи и самиот играв во најсилната лига во светот. На многу млади играчи им кажувам дека еден ден треба да пробаат да дојдат во Германија и да играат во Бундес лигата. Искрено, тоа е сосема друг свет“, изјави Душебаев.

Душебаев посочи и дека силата на германската лига не е случајност, туку резултат на долг процес. Според него, во последните десетина години Бундес лигата континуирано напредува, а доказ за тоа е и сè поголемиот број врвни француски, дански, шпански и други интернационалци кои сакаат кариерата да ја продолжат во Германија.

„Бундес лигата станува сè подобра и подобра. Зошто толку многу француски играчи сакаат да дојдат тука? Причината е едноставна – во последните 10-12 години лигата постојано се развива. Тоа е НБА на ракометот“, додаде Душебаев.

Алекс Душебаев од оваа сезона игра за Гумерсбах, додека Дани Душебаев летово го засили Мелсунген, со договор до 2029 година. Талант смета дека и двајцата имаат што да покажат во новите средини.

За Алекс нагласи дека најважно е целосно да се врати во најдобрата форма по повредата, додека за Дани очекува постепено да напредува и да станува сè поважен дел од Мелсунген.

❗❗  Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…