ДЕНЕСКА НА ТЕРЕНИТЕ: Еурофарм Пелистер на Червар на испит во „тврдината на гладијаторите“

Денеска во центарот на вниманието на македонската спортска јавност ќе биде дерби натпреварот меѓу Охрид и Еурофарм Пелистер во СРЦ „Билјанини Извори“.

Пелистерци досега немаат загубено ниту еден меч во подготовките и во Регионалната лига, додека Охрид ги освои турнирите во Струга и Охрид, запиша три победи во Регионалната лига, но загуби од Вардар во Супер Куп натпреварот.

Избраниците на Борис Ројевиќ немаа многу време за тагување по поразот од Вардар во последните секунди и мораа да се свртат кон новиот предизвик – Еурофарм Пелистер, кој со реновиран ростер и стручен штаб доаѓа на дерби покрај езерото.

Лино Червар ги форсираше староседелците на мечевите од Регионалната лига, од новите имиња во тимот ривалите не видоа многу, па сигурно ќе има некој ас во ракавот за ова гостување. Борис Ројевиќ кој во меѓувреме го продолжи договорот со Охрид до 2029 година, има офанзивно посилен тим од лани, а иако дефанзивата беше ослабена по заминувањето на Моралес, сепак домаќинот ќе има што да каже на оваа пресметка.

Минатата сезона двете екипи си поделија по две победи, по една дома и на гости, па ако се суди според тоа и според подготвителниот период на двете екипи, за денешниот двобој не може да се прогласи фаворит.

Колку и да е важно ова дерби за двете екипи, сепак станува збор само за прв меч во сезоната и нема ништо да реши, па и Охрид и Еурофарм Пелистер ќе имаат шанса за поправен понатаму.

Мечот се игра во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток од 19:00 часот, а ќе го судат Димитар Митревски и Благојче Тодоровски.

За првпат на дело на официјален натпревар ќе ја видиме Струга, која состави респектибилен ростер и ќе биде тврд орев за сите, особено на домашен терен. Прв гостин покрај Црн Дрим е Тиквеш, кој донесе добри засилувања, а денеска би требало да ги видиме и новите странци во тимот. Натпреварот се игра во СЦ „Тими“ од 18:30 часот.

По Ѓорче Петров, и втората екипа од Македонија, Чаир, ќе стартува во Регионалната лига, а прв предизвик за избраничките на Басри Љатифи ќе биде српскиот состав Бор, кој пред два дена играше во Супер Купот на Србија и загуби со 29-20 од Црвена Звезда. Дали нивниот умор ќе биде пречка на гостувањето кај Чаир и дали домаќинките ќе го искористат тој факт, ќе дознаеме околу 19:30 часот.

ДЕНЕСКА НА ТЕРЕНИТЕ:

18:00 ЧАИР – БОР (РЕГИОНАЛНА ЛИГА)
18:30 СТРУГА – ТИКВЕШ (МАКЕДОНИЈА)
19:00 ОХРИД – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР (МАКЕДОНИЈА)