Пелагонискиот двобој меѓу Деспина и Пелистер, кои добија шанса оваа сезона да играат во Супер Женската лига заврши без победник, 21-21.
Домаќинките треба да жалат што останаа без целиот плен од овој меч, бидејќи водеа со четири гола по првиот дел, 13-9.
На стартот на второто полувреме за само пет минути битолчанки направија пресврт и поведоа со 14-13, а Деспина поради три исклучувања остана без левото крило Маја Ристеска.
Потоа се играше гол за гол, имаше и промашувања на двете страни, а во последните две минути, Гичева донесе предност за Деспина со 21-20.
Не реализираа битолчанки во следниот напад, па имаше тајм-аут за домашниот стратег Спиркоски. Неговите девојки погрешија, останаа уште десетина секунди, Пелистер тргна во полуконтра, која со погодок ја заврши Ангелковска за голем бод.
Најдобри стрелци во домашниот тим беа Гичева со 11 и Христоска со четири гола, а кај Пелистер се истакна Сејадин со шест погодоци.
























