Ракометарите на Партизан ја продолжија доминацијата на домашната сцена, откако во Бор го совладаа Динамо Панчево со 36:31 (24:17) и го освоија Супер Купот на Србија.
„Црно-белите“, кои во новата сезона имаат високи амбиции и во Лигата на шампионите, уште еднаш покажаа дека во домашното првенство се издвојуваат од конкуренцијата.
Партизан практично го реши победникот уште во првото полувреме. Тимот предводен од Раул Гонзалес доминираше на теренот, а по 30 минути имаше убедлива предност од седум гола – 24:17.
Главна фигура во првиот дел беше Израелецот Јоав Лумбросо, кој одигра фантастично и постигна дури десет гола за едно полувреме. Средниот бек беше нерешлива енигма за одбраната на Динамо, со одлични промени на правецот и прецизни удари.
По паузата Партизан го намали темпото, но рутински ја контролираше предноста. Динамо во финишот успеа да го ублажи поразот, но трофејот заслужено заврши во рацете на белградскиот тим.
Лумбросо на крајот натпреварот го заврши со 11 погодоци, додека Лазар Анѓелковиќ постигна шест без ниту еден промашен шут. Аљоша Дамјановиќ и Тобијас Вагнер додадоа по пет гола, а Сергеј Иванов трипати се запиша во листата на стрелците.
Кај Динамо Панчево најдобар беше капитенот Вељко Чабрило, кој постигна десет гола. Вук Новаковиќ даде четири, додека Урош Периќ, Ѓорѓе Ранчиќ и Никола Бекиќ постигнаа по три.
За Партизан ова беше одлична генерална проба пред европскиот предизвик. „Црно-белите“ веќе следниот четврток ги очекува голем предизвик во Лигата на шампионите, бидејќи во „Пионир“ гостува Фуксе Берлин.


























