Старт на „ракометната НБА“ – Магдебург брани, Кил и Берлин напаѓаат, Македонија со еден претставник!

Денеска стартува новата сезона во германската Бундес лига, натпреварување кое со години важи за едно од најсилните и најконкурентните ракометни првенства во светот, а Македонија оваа сезона ќе има само еден претставник.

Мартин Томовски и неговиот Битигхајм по една сезона се вратија во елитната германска конкуренција, а на македонскиот репрезентативец нема да му биде деби. Тој веќе играше во Бундес лигата со Лудвигсхафен и Потсдам.

Веќе на стартот нè очекуваат интересни пресметки, а во борбата за шампионската титула повторно се издвојуваат неколку сериозни кандидати.

Магдебург влегува како главен фаворит за титулата. Екипата на Бенет Вигерт ја освои шампионската круна минатата сезона и не претрпе големи промени во составот. Тимот повторно ќе се потпира на Гисли Кристијансон, Омар Инги Магнусон, Феликс Клар и Магнус Саугструп, додека голманската позиција доби ново име – Доминик Кузмановиќ, кој ќе формира тандем од Хрватска на голот заедно со Матеј Мандиќ.

Фуксе Берлин минатата сезона заврши како вицешампион, но оваа година ќе биде ослабен по заминувањата на голманот Дејан Милосављев и левиот бек Ласе Андерсон. Сепак, во тимот останува најголемата ѕвезда – Матијас Гидсел, а тимот од Берлин и понатаму ќе бидат сериозен кандидат за врвот.

Кил зад себе има разочарувачка сезона во која за првпат по 1993 година не обезбеди место во европските купови. Филип Јиха замина, а на негово место дојде поранешниот играч на „зебрите“, Норвежанецот Берге Лунд. Кил се засили со словенечкиот среден бек Домeн Макуц и германскиот репрезентативец Јулијан Кестер, а дополнителна предност ќе биде фактот што нема да игра во Европа.

Мелсунген, актуелниот освојувач на Лигата на Европа, исто така има амбиции да се вмеша во борбата за титулата. Тимот на Роберто Парондо ќе дебитира во Лигата на шампионите, а составот остана во голема мера непроменет. Големо засилување е Јоханес Гола, додека од Келце пристигна Даниел Душебаев.

Фленсбург исто така посакува да се вмеша во битката за титулата, а составот на Алеш Пајовиќ во оваа „преодна“ сезона пред да дојдат браќата Мартим и Кико Кошта, ќе се обиде да биде конкурентен. Замина Гола, а големо засилување треба да е Ајмерик Мин на срената бековска позиција.

Во вториот ешалон се очекува интересна борба меѓу Гумерсбах, Лемго, Рајн Некар Левен, Хановер и Гепинген, додека новите бундеслигаши Балинген и Битигхајм, каде што брани Томовски ќе имаат тешка задача во борбата за опстанок.

Посебно внимание ќе привлече и Гумерсбах, кој оваа сезона ќе биде противник на Еурофарм Пелистер во Лигата на Европа, додека Вардар ќе се соочи со Мелсунген во Лигата на шампиони.

Бундес лига, 1 коло.

Четврток:
19:00 Кил – Лемго
20:00 Фуксе Берлин – Мелсунген
Петок:
19:00 Штутгарт – Бергишер
20:00 Фленсбург – Ајзенах
Сабота:
19:00 Гепинген – Ерланген
Недела:
15:00 Гумерсбах – Магдебург
16:30 Хановер – Рајн Некар Левен
16:30 Вецлар – Битигхајм
18:00 Балинген – Хамбург 

 

_________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________