ОХРИД 2026: Тамше со пофалби – Во моментов ова е можеби најсилниот турнир во Европа!

Тримо Требње го заврши настапот на „Крсте Андоновски“ по голема битка со Загреб во мечот за третото место. Словенечкиот тим испушти шест гола предност, а потоа загуби по изведување пенали 29-27 (24-24) Сепак, тренерот Бранко Тамше од Охрид си заминува задоволен од она што го видел од својот тим, но и со многу висока оценка за самиот турнир.

Тримо Требње не успеа да стигне до третото место на турнирот „Крсте Андоновски“, но тренерот Бранко Тамше имаше многу причини да биде задоволен по последниот настап на неговата екипа во Охрид.

Словенечкиот тим одигра одличен поголем дел од натпреварот против Загреб, имаше и шест гола предност, 20-14, но хрватскиот шампион успеа да се врати, да израмни и потоа да слави по пеналите.

Тамше, кој од минатото лето го предводи Тримо, во прв план ја стави одбраната и начинот на кој неговите играчи му се спротивставија на далеку побогатиот и поискусен противник.

„Пред сè, морам да кажам дека сум задоволен од многу работи што ги подготвивме и ги покажавме против Загреб. Имавме навистина многу, многу добра одбрана. Лесјак беше одличен на голот. Знаевме каков е Загреб, дека е моќна екипа која игра во Лигата на шампионите и има буџет речиси десет пати поголем од нашиот. Но, тоа не е важно – ние го направивме тоа што сакавме да го направиме“, изјави Тамше.

Петмина недостигаа, младите ја добија шансата

Тримо не беше комплетен на последниот натпревар, но Тамше токму во тоа гледа дополнителна позитивна страна.

„Не бевме комплетни, ни недостигаа пет играчи, но и тоа не е проблем, затоа што шанса добија други. Имавме многу млади, наши играчи. Голем дел од натпреварот одиграа во добар и силен ритам. Многу трчавме и постигнавме многу лесни голови. Тоа е играта што ја сакаме“, вели Тамше.

Сепак, не беше сè идеално. Техничките грешки се делот што тренерот на Тримо најмногу сака да го поправи пред почетокот на официјалната сезона.

„Направивме премногу технички грешки. Имавме дури 19 и тоа е премногу. И покрај сè, на крајот стигнавме до нерешен резултат. Примивме само 24 гола од европски Загреб, така што навистина имаше многу добри работи“, потенцира Тамше.

Тримо имаше можност и порано да го реши натпреварот, но Загреб ја искористи шансата, а пеналите на крајот го одредија освојувачот на третото место.

„За жал, на крајот не го искористивме тоа што го имавме. Можевме порано да го решиме натпреварот. Урбан беше добар на голот, одбрани многу топки, но пеналите се лотарија и тоа воопшто не ме интересира. Им честитам на моите момци за сè што покажаа во Охрид“, додава Тамше.

„Игравме атрактивен и интересен ракомет“

За Тамше најважно е што турнирот му дал јасна слика каде се наоѓа неговата екипа непосредно пред почетокот на сезоната.

„Мислам дека нашата екипа играше атрактивен, интересен ракомет. Видов многу од работите што сакав да ги видам – и плусовите и минусите на мојот тим“, вели словенечкиот стратег.

Токму тоа е главната вредност на силните подготвителни натпревари. Тримо во Охрид имаше можност да се соочи со противници од различен калибар, да игра во тежок ритам и да ги открие слабостите пред да почнат натпреварите за бодови и трофеи.

Во моментов можеби најсилниот турнир во Европа

Посебно силни беа зборовите на Тамше за организацијата на „Крсте Андоновски“. Тримо втора година по ред е дел од турнирот, а тренерот на словенечкиот состав смета дека нивото на екипите што ова лето дојдоа во Охрид го прави турнирот еден од најсилните во Европа во овој период.

„Што се однесува до самиот турнир, можам да кажам само пофални зборови. Втора година по ред сме тука. Турнирот е навистина многу добар и добро организиран. Мислам дека во овој момент можеби е и најсилниот турнир во Европа. Секоја чест за организаторот“, изјави Тамше.

Од Охрид директно во борба за трофеј

За Тримо нема многу време за одмор. За само една недела следува Суперкупот на Словенија против Целје, а веднаш потоа почнува и првенството.

„Одиме натпревар по натпревар, ден по ден. Знаеме дека нè чека многу тежок распоред и многу силна лига. Веќе следната сабота играме Суперкуп против актуелниот шампион и освојувач на Купот, Целје, а потоа почнува и првенството“, вели Тамше.

За тренерот е јасно и што мора да се задржи од Охрид.

„Видовме многу работи, а немаме уште многу време. Треба уште многу да поправиме. Најважно е да бидеме паметни и скромни. Мораме да играме одбрана како што игравме денес и во текот на турнирот. Ако ни се приклучат и повредените играчи, мислам дека како комплетна екипа можеме да им парираме на Слован, Целје и на сите други екипи во Словенија. Ќе биде многу интересно“, заврши Тамше.

_________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________