Ристески: Пет години подоцна Охрид е ракометен центар – „Крсте Андоновски“ продолжува да расте

Петтото издание на турнирот „Крсте Андоновски“ уште еднаш покажа дека Охрид во август станува едно од најинтересните ракометни места во регионот. Спортскиот директор на Охрид, Славчо Ристески, најави нови инфраструктурни инвестиции во „Билјанини Извори“, можност за промена на форматот на турнирот и уште посилни екипи во следните изданија.

Од меморијален турнир со многу поскромни размери до настан на кој доаѓаат познати европски клубови, тренери, играчи, менаџери и новинари од Македонија и регионот.

За само пет години „Крсте Андоновски“ направи голем исчекор, а јубилејното издание во Охрид е уште една потврда дека амбициите на организаторите не завршуваат со она што е направено досега.

Во пресрет на финалето на турнирот, спортскиот директор на Охрид, Славчо Ристески, зборуваше за тоа како се развива настанот, што бараат клубовите, кои се забелешките на гостите и што треба дополнително да се промени во „Билјанини Извори“.

Турнир на кој доаѓаат и менаџери да бараат таленти

Со растот на квалитетот на екипите, турнирот веќе не е интересен само за публиката. Во Охрид доаѓаат познати ракометни менаџери и новинари од регионот, а присуството на младата селекција на Египет дополнително го зголеми интересот.

„Тука се некои од најпознатите новинари од земјата и од Балканот, доаѓаат и познати менаџери од Балканот и пошироко. Имаме интересна екипа како Египет, а нормално е и менаџерите да сакаат да ги видат тие млади играчи. Сето тоа покажува дека турнирот добива една друга димензија“, вели Ристески.

За организаторите тоа е важен показател дека „Крсте Андоновски“ постепено станува место на кое не се играат само подготвителни натпревари, туку и место за контакти, следење играчи и средби на луѓето од европскиот ракомет.

Следуваат нов паркет, нови столчиња и подобро ладење

Годинава беа направени повеќе промени во спортската сала „Билјанини Извори“. Беше уреден VIP делот, направена VIP соба, освежени беа ходниците, соблекувалните и просториите за официјалните лица.

Но, Ристески најавува дека тоа не е крајот.

„Инфраструктурно сакаме сè да направиме во една година, но тоа не е можно. Затоа секоја година се подобруваме. Имаше забелешки за вентилацијата и ладењето и ќе се работи и на тоа. Планот за следната година е да има и нов паркет, како и да се сменат столчињата во целата сала.“

Турнирот, но и растот на Охрид како клуб, практично стануваат дополнителен мотив секоја година да се подобруваат условите во салата. Тоа веќе се забележува и по интересот на публиката.

Од 400-500 до над 1.500 гледачи

Пред само неколку години „Билјанини Извори“ за натпреварите на Охрид и на турнирот собираше неколку стотини гледачи. Денес сликата е значително поинаква.

„Оваа сала до пред две години можеби се полнеше со максимум 400-500 луѓе. Сега, по натпреварот со Загреб и за финалето со Вардар, очекуваме повеќе од 1.500 гледачи во салата. Тоа е успех и мотив да продолжиме понатаму – турнирот да биде уште подобро организиран и во Охрид да носиме уште поквалитетни екипи.“

Паралелно со турнирот растеше и самиот Охрид. Клубот инвестира во играчкиот кадар и инфраструктурата, а минатата сезона направи историски резултат со освојувањето на европски трофеј. Токму растот на клубот и турнирот одат еден со друг.

Осум екипи можеби се премногу – идејата е турнир со шест

Една од ретките забелешки што организаторите ја добиле од гостите е бројот на натпревари што екипите треба да го одиграат во краток период.

Според Ристески, четири натпревари на еден подготвителен турнир можеби се премногу, па за следната година се размислува за промена.

„Мислам дека единствената посериозна забелешка е тоа што екипите играат по четири натпревари. Според мене, идеално би било да имаме шест екипи и секоја да одигра по три натпревари – два во групата и потоа уште еден за пласман.“

Тоа е моделот кон кој организаторите би можеле да се насочат за шестото издание.

„Ќе се обидеме да го промениме системот и да најдеме формат што ќе биде најдобар и за екипите и за квалитетот на турнирот.“

Од мал меморијален турнир до големи европски имиња

Кога беше создаден „Крсте Андоновски“, турнирот имаше сосема поинакви размери. Пет години подоцна, во Охрид доаѓаат Вардар, Загреб, Војводина, Нексе, Тримо, Олимпијакос и млада селекција на Египет.

За Ристески, растот на турнирот е директно поврзан со растот на клубот и со она што во Охрид се создава во последните години.

„Пред сè се гледа вложувањето во Охрид, и инфраструктурно и во екипата. Резултатите го потврдуваат тоа. Од сала која пред две години собираше по 400 или 500 луѓе на овие натпревари, дојдовме до ситуации кога очекуваме повеќе од 1.500 гледачи.“

Но, зад името на турнирот останува и неговата основна причина – споменот на Крсте Андоновски.

„Тоа е успех кој ни дава мотив да продолжиме понатаму, уште подобро да го организираме турнирот и да носиме уште подобри екипи. А кога станува збор за Крсте Андоновски, мислам дека и градот и неговото семејство треба да бидат горди на она што Охрид го прави и на тоа во што прерасна турнирот што го носи неговото име.“

Пет години по почетокот, „Крсте Андоновски“ веќе не е само меморијален турнир. Тој станува дел од ракометниот идентитет на Охрид и настан кој секое лето треба да поставува повисока граница.