Од голман на Вардар до најмлад дебитант во фудбалскиот „црвено-црн“ клуб!

Огнен Јаков денес е дел од првиот тим на фудбалскиот Вардар и најмлад дебитант во историјата на клубот, но само една година претходно имаше и кратка ракометна епизода – како голман на пионерите на ракометниот клуб Вардар.

До ракометот стигнал преку другарите од ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ од Кисела Вода. Тие го убедиле да им се приклучи на тренинзите, пред настапите на училишните натпревари.

Јаков тренирал околу еден месец со пионерите на Вардар, а потоа добил шанса да настапи и на Ф4 турнирот од пионерското првенство во Битола во мај 2025 година.

На завршницата бранеше за Вардар, имаше неколку одбрани и одбранети пенали, а со екипата го освои третото место. Црвено-црните во мечот за бронза го совладаа тимот од Автокоманда со 24-18, откако претходно во полуфиналето загубија од Охрид со 33-20.

По таа кратка ракометна епизода, Јаков целосно продолжи со фудбалот, спортот што го тренира од петгодишна возраст.

Foto: Petr Stojanovski

Во сезоната 2025/26 за помладите пионери на Вардар постигна 41 гол во првенството и уште осум во Купот на Македонија. Во финалето на Купот против Пелистер постигна хет-трик во победата од 4-0, а стана и репрезентативец на Македонија до 16 години.

Подоцна доби шанса и со првиот тим на Вардар. Беше дел од подготовките во Италија, постигна гол на контролниот меч против Умбрија, а потоа на дербито со Шкендија ги запиша првите официјални минути во сениорска конкуренција и стана најмладиот дебитант во историјата на фудбалскиот Вардар.

Во ракометот бранеше голови, а во фудбалот ги постигнува.