Словенечкиот ракометар Миха Котар не го крие задоволството што стана дел од Еурофарм Пелистер, истакнувајќи дека доаѓањето во клуб со богата традиција претставува голем чекор во неговата кариера.
Новото засилување на битолскиот клуб посочи дека уште од првите денови ја почувствувал ракометната атмосфера во градот и вети максимална посветеност во борбата за исполнување на амбициите на тимот.
„Навистина ми е драго што дојдов во овој клуб, кој има огромна традиција. Цела Битола живее за ракометот, затоа сум многу среќен што ќе го носам овој дрес. Еурофарм Пелистер има огромна армија навивачи и се надевам дека ќе ги направиме среќни во текот на сезоната. Тренираме веќе три дена, ќе работиме напорно на тренинзите и ќе го дадеме својот максимум. Целта е да го однесеме Еурофарм Пелистер таму каде што сакаат сите во овој град, но и ние како играчи“, изјави Котар.
Словенецот ова лето пристигна во редовите на Еурофарм Пелистер и се очекува да биде едно од најважните засилувања во составот на Лино Червар.
Битолчани и во новата сезона ќе имаат високи амбиции, ќе настапуваат во Европската лига на ЕХФ и ќе се обидат повторно да се вратат на шампионскиот трон во македонскиот ракомет.
























