Струга носи познато суперлигашко име – Мице Шилегов ќе игра покрај Црн Дрим

Струга брзо го склопува тимот за новата сезона во Супер лигата, а едно од најзвучните засилувања треба да биде искусното десно крило Мице Шилегов.

Тимот на Струга ја искористи шансата повторно да биде дел од суперлигашкото друштво, па по откажувањето на Пролет, тимот покрај Охридско Езеро сега мора во краток период да направи тим што ќе може да биде конкурентен во новата сезона. Еден од ракометарите што треба да донесе искуство, брзина и квалитет покрај езерото е Мице Шилегов. Управата на клубот веќе „си подаде рака“ со играчот кој треба да се појави на првата прозивка на тренерот Божидар Мојсов.

Десното крило ќе биде ново засилување за стружани и едно од познатите имиња што пристигнуваат во клубот. За Струга ова е важен потег, бидејќи тимот мораше да реагира брзо на трансфер-пазарот и да состави ростер што ќе може да одговори на барањата во најсилната домашна конкуренција.

Шилегов е ракометар со сериозно домашно искуство. Станува збор за некогашен кадетски и младински репрезентативец на Македонија, кој потекнува од школата на Металург. Во кариерата настапуваше за двата тима на Металург, а потоа собираше искуство и во Охрид, Голден Арт и Пролет. Во пролетниот дел од минатата сезона беше дел од Бутел Скопје, каде пристигна од Вардар Неготино, откако во есенскиот дел беше најдобар стрелец на неготинскиот тим.

Во европските натпреварувања има настапи со Металург, меѓу кои и во Лигата на шампионите и во Европската лига, каде во сезоната 2020/21 постигна 15 голови.

Претходно Струга се договори со уште тројца искусни ракометари – голманот Мартин Јовановски, десниот бек Пеце Рајатоски и левиот бек Христијан Крстаноски.

Стружани добија можност за враќање во Супер лигата, но тоа носи и обврска – тимот да не биде само бројка во лигата, туку да има состав што ќе може да се бори, да освојува бодови и да биде незгоден ривал, особено на домашен терен.

Струга е клуб со долга традиција и еден од најстарите во Македонија, од град што живее со ракометот, а дополнително има и посебно место на македонската ракометна карта преку струшкиот турнир, еден од најстарите и најпрепознатливи ракометни настани во регионот. Затоа враќањето на клубот во елитата носи и поголеми очекувања од јавноста.

_________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________