Вториот тим на битолчани продолжува да гради млад, но конкурентен состав за новата сезона. Давид Димевски, еден од најистакнатите играчи на Куманово и дел од успешната македонска младинска генерација, ќе биде нов ракометар на Еурофарм Пелистер 2.
Еурофарм Пелистер 2 продолжува со создавање тим што треба да биде спој на младост, квалитет и играчи со сериозен простор за развој. Ново име во составот на битолчани ќе биде Давид Димевски, ракометарот кој во 2025 година беше најдобар стрелец во Супер лигата. Тогаш постигна 237 гола.
Димевски доаѓа од Куманово, клуб во кој настапуваше последните сезони и каде се наметна како еден од најважните играчи. Иако станува збор за млад ракометар, зад себе веќе има сериозно суперлигашко искуство, лидерска улога во клубот и сезона во која го привлече вниманието со голгетерскиот ефект.
Во Куманово беше играч што носеше голем дел од нападот, а потврда за неговите настапи беше и признанието за МВП на шестото коло од суперлигашкиот плеј-оф/аут, кога како член на Куманово беше избран за најкорисен играч на колото во изборот на 24Ракомет.
Настапува на позицијата лев бек, но може подеднакво добро да покрие и на другите бековски позиции. Тој веќе има и меѓународно искуство преку настапите за младинските селекции на Македонија, а на Светското младинско првенство во 2025 година беше дел од составот како играч на Куманово.
Битолчани ова лето веќе донесоа неколку нови имиња, а во тимот се и Кристијан Симоноски, Божидар Илиески, Марко Трајков и Александар Стојков. Димевски е дел од генерацијата македонски кадети и младинци која во изминатите години играше на европски и светски првенства и донесе неколку значајни резултати за македонскиот ракомет. Таа генерација беше предводена од Раде Стојановиќ и Бранислав Ангеловски, а во својот пат мина низ ЕХФ шампионатот во Рига, кадетско Светско првенство, младинско Европско првенство и младински Мундијал.
Особено се памети 9 место на младинското Европско првенство, резултат што во тој период беше оценет како потврда дека Македонија има генерација со квалитет, карактер и потенцијал.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24Ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________























