Машката младинска репрезентација на Македонија загуби вторпат на Европското првенство, овојпат од Хрватска со 34-29 и веќе нема шанси за главната рунда, па ќе разигрува за пласман од 13 до 24 место.
Голманите Николовски (седум одбрани) и Младенов (пет одбрани, 35%, три одбранети пенали) беа солидни, а меѓу стрелците се истакнаа Каевски со седум и Поповски со шест погодоци. Хрватскиот голман Сунајко имаше десет интервенции, а Шпрем беше најпрецизен со осум гола.
Нашите ракометари одлично го отворија мечот, парираа 27 минути на разиграниот ривал, кога беше 15-14, но во последните три минути пред паузата се случи огромен па во играта на момците на Игор Илиевски.
Најпрво Петрески заработи две минути казна, потоа следуваа две грешки во нападот, а сето тоа ја поништи добрата игра од претходно, ривалот ги искористи своите шанси и замина на пауза со високи и непотполно заслужени четири гола предност, 18-14.
На стартот на второто полувреме „колата тргна низ брдо“ и немаше назад. Три гола на Хрватите за 21-14, по пет минути игра веќе беше 25-17 и јасно беше дека македонските младинци тешко ќе парираат до крајот.
Не форсираа многу и противниците, шанса и во македонскиот состав добија сите ракометари, па Хрватите само рутински успеаја да го завршат мечот, кој ги остава во игра за место во ТОП 12.
























