Божиновски и Начевски за првпат ќе судат на сениорско ЕП!

Европската ракометна федерација ги објави официјалните лица што ќе бидат дел од Европското првенство за жени што ќе се игра во Полска, Чешка, Словачка, Турција и Романија од 3 до 20 декември.

Судиите Даниело Божиновски и Виктор Начевски за првпат добиваат делегирање на сениорско континентално натпреварување, откако досега ги покажаа своите квалитети на повеќе младински шампионати, европски и светски.

ЕХФ номинираше 16 двојки, иако беа најавени 18, а дополнително ќе бидат познати уште двата пара што ќе судат на ЕП. Покрај женската репрезентација на Македонија, нашата држава ќе биде претставена oд Божиновски и Начевски, кои освен ЕХФ значка имаат и ИХФ значка од 2022 година.

Пред почетокот на шампионатот, сите номинирани судии ќе учествуваат на подготвителен семинар во Виена, кој ќе се одржи од 11 до 13 септември.

____________________________________________________________________________________________________
  Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________

За Божиновски и Начевски ова е уште едно големо признание од ЕХФ и потврда за нивниот висок рејтинг на меѓународната сцена. Македонската судиска двојка веќе неколку години редовно суди на европски и светски натпреварувања во младинските категории, стандардно се дел од европските купови на клупско ниво, а минатата сезона за првпат беа дел и од Лигата на шампионите.

Нивната номинација претставува уште една потврда дека Македонија и понатаму има свои претставници во самиот врв на европското судење.