Светската ракометна федерација би можела да биде во голем проблем, откако селекцијата на Гвинеја најави можно откажување од Мундијалите за младинки и кадетки во Кина, односно Романија.
Светското првенство за младинки почнува од 24 јуни, но можно е да мине без учеството на африканската селекција.
Од тамошната федерација се гневни на властите кои планираат да ја срушат салата каде што се подготвуваат сите ракометни селекции, и тој простор да го искористат за фудбалски комплекс.
„Доколку сегашната спортска сала биде урната без претходно да биде изградена замена, Федерацијата ќе биде принудена да ги повлече своите национални селекции од сите африкански и светски натпреварувања. Со цел на нашите спортисти да им обезбедат соодветни услови и инфраструктура што ги исполнува меѓународните стандарди, членовите на Извршниот одбор на Ракометната федерација на Гвинеја, со сопствени средства, ја финансираа изградбата на оваа сала. Овој спортски комплекс со гордост беше домаќин на бројни национални, континентални и меѓународни турнири во ракомет, фудбал, самбо и други спортови. Во моментов, нашите ракометарки и ракометари активно се подготвуваат за осум африкански и светски натпреварувања. Сепак, Гвинеја нема ниту една друга сала што ги исполнува условите за нивните тренинзи. Доколку оваа сала биде урната исклучиво во корист на фудбалот, Ракометната федерација на Гвинеја веднаш ќе ја повлече земјата од сите турнири. Одбиваме да ги испраќаме нашите спортисти неподготвени на натпреварувања. Нашата федерација не учествува само за да биде присутна, туку за достојно да ја претставува државата.Не сакајќи да биде соучесник во однапред испланираниот неуспех на нашите репрезентации, Федерацијата ќе го повлече своето целокупно учество доколку дојде до еднострано уривање на салата. Повторно ја изразуваме нашата целосна поддршка за спортистите кои напорно работат со месеци. Ќе останеме покрај нив за да ја надминеме оваа криза, затоа што тие отсекогаш го давале својот максимум за да ја зачуваат честа на Гвинеја“, напишаа од УО на ракометната федерација.
Гвинеја исто така има обезбедено место и на Мундијалот за кадетки што треба да се одржи во Романија, а дали во ИХФ ќе се најдат во проблеми и ќе мора да бараат замена, останува да видиме.
____________________________________________________________________________________________________
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24Ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________

























