Тимот на Бурган од Кувајт, каде што игра Косуке Јасухира ја освои титулата на Азиското клупско првенство, откако славеше против Ал Калиџ од Саудиска Арабија каде што играат Дмитро Горига и Кристијан Пилиповиќ со 34-32.
Ал Калиџ имаше се во свои раце и победата им беше на дофат, откако водеа со 27-24 во финишот на мечот, но со три гола Бурган успеа да израмни и да го однесе мечот во продолженија.
Таму доминираше Бурган имаше и 33-29, Ал Калиџ намали на 33-32, но немаше време за нешто повеќе и клубот на Кувајт можеше да почне со радоста.
Откако беше меѓу најзаслужните за триумфот на Охрид во ЕХФ Европскиот Куп, Косуке Јасухира сега беше најдобар стрелец кај Бурган со девет гола, додека Горига даде четири гола, а Пилиповиќ собра десет одбрани.
Во битката за третото место Ал Духаил каде што тренер на голманите е Петар Мисовски, славеше против Кувајт Спорт Клуб на Филип Кузмановски со 36-34 во продолженија.
























