Македонскиот репрезентативен голман Мартин Томовски е избран за најдобар играч на сезоната 2025/26 во Втората Бундес лига. Во најсилната конкуренција за МВП е избран десниот бек на Фуксе Берлин, Матијас Гидсел.
Чуварот на мрежата на Битигхајм, кој пред почетокот на сезоната пристигна од Потсдам, беше еден од најзаслужните за експресното враќање на својот тим во елитната германска лига.
Томовски во текот на сезоната одигра 31 натпревар и забележа 273 одбрани, што го рангира меѓу петте најдобри голмани во лигата. Македонецот имаше просечна успешност на одбраните поголема од 31%, а двапати во текот на сезоната стигна до бројката од 20 одбрани на еден натпревар.
Покрај тоа, одбрани 21 седмерец, постигна четири гола и забележа уште осум асистенции. Во една рунда стигна и до максималниот индекс на успешност 100, додека сезоната ја заврши со просечен индекс од 73.
Во гласањето за најкорисен играч на сезоната Томовски го победи Јулиус Дирберг од Елбфлоренц, кој заврши на второто место. Изборот се прави врз основа на гласовите на навивачите, тренерите и капитените на клубовите, како и според статистичкиот индекс на успешност.
Томовски ќе ја добие наградата на 22 август во Минхен за време на мечот од германскиот Супер Куп.
























