„Играње во Лигата на шампионите е неисплатливо – ќе се насочиме кон Лигата на Европа“

Унгарскиот Дебрецин не поднесе барање за учество во Лигата на шампионите за сезоната 2026/27, иако имаше право да аплицира за вајлд-карта за елитното европско натпреварување.

Од клубот соопштија дека одлуката е донесена поради финансиски и спортски причини, а наместо настап во Лигата на шампионите, Дебрецен ќе се насочи кон настап во Лигата на Европа.

Во официјалното образложение се наведува дека до истекот на рокот за пријавување не било познато колкава државна поддршка ќе добијат клубовите од унгарскиот шампионат, па раководството сметало дека би било неодговорно да преземе дополнителни финансиски обврски.

Дополнително, во клубот сметаат дека сегашниот модел на распределба на приходите од страна на ЕХФ не го прави настапот во Лигата на шампионите финансиски исплатлив. Според нивните проценки, учеството во најсилното европско натпреварување носи значителни загуби од десетици милиони форинти по сезона.

На одлуката влијаеле и кадровските проблеми. Дебрецен остана без две важни ракометарки. Јована Јововиќ нема да биде подготвена пред октомври, додека Нина Сабо најверојатно ќе се врати на терените дури во март следната година.

Од клубот потенцираат дека би било ризично да ја започнат сезоната во Лигата на шампионите со само еден класичен среден бек во ростерот. За разлика од Лигата на шампионите, натпреварите од групната фаза на Лигата на Европа, започнуваат во јануари, кога се очекува Јововиќ повторно да биде во тимот.

И покрај оваа одлука, од Дебрецен уверуваат дека финансиската состојба на клубот е стабилна благодарение на поддршката од спонзорите. Амбициите остануваат високи –  борба за медали во домашното првенство и Купот на Унгарија, како и пласман на Ф4 турнирот во Лигата на Европа.