Тотален хаос – нема пари, нема настап на ЕП!

Машката младинска репрезентација на Босна и Херцеговина најверојатно нема да настапи на Европското првенство во Романија следниот месец, иако пласманот на континенталниот собир го обезбеди на терен.

Како што потврди претседателот на Ракометниот сојуз на БиХ, Дарио Пушиќ, истекол рокот за уплата на средствата потребни за учество на ЕП, а дополнителен проблем претставува и нефункционирањето на УО на федерацијата.

Обидот да се одржи седница на Управниот одбор пропаднал поради недостиг на кворум, пишува „Ослобоѓење“.

Проблемите не завршуваат тука. Според информациите од БиХ, извесно е дека ниту женската репрезентација нема да биде пријавена за квалификациите за Светското првенство 2027, бидејќи роковите истекуваат, а УО не може да носи одлуки без потребниот кворум.

Така, босанскиот ракомет се соочува со нова организациска и финансиска криза, поради која најголемите последици ги трпат токму репрезентативците кои на терен ги исполнија спортските критериуми за настап на големите натпреварувања.