Само еден ќе „извиси“: 17 клуба во трка за 16 места во Лигата на шампионите!

Дека квалитетот на женскиот клупски ракомет во Европа е во пад, одамна е факт, а дополнителен доказ за тоа е дека за новата сезона во Лигата на шампиони се пријавија само 17 екипи, а шанса за настап ќе имаат 16.

Европската ракометна федерација ја објави листата на клубови кои поднеле пријава за настап во елитната конкуренција. Конечниот список на учесници ќе биде познат по одлуката на ЕХФ за доделување на вајлд-картите.

Меѓу клубовите кои имаат директно место во групната фаза се актуелниот европски шампион Мец, потоа Подравка, Есбјерг, Брест Бретањ, Бломберг, Ѓер, Будуќност, Сторхамар, Глорија Бистрица и словенечкиот Крим.

За дополнителните места конкурираат неколку европски великани кои поднеле барање за апгрејд во Лигата на шампионите. Меѓу нив се данските Оденсе и Никобинг, германската Борусија Дортмунд, унгарскиот Ференцварош, норвешките Сола и Молде, како и романскиот ЧСМ Букурешт.