Мартин Томовски избран за најдобар голман во Втората Бундес лига!

Македонскиот репрезентативен голман Мартин Томовски се најде во идеалниот тим на сезоната во германската Втора Бундес лига, откако имаше клучна улога во враќањето на Битигхајм во елитната конкуренција.

Битигхајм обезбеди промоција во Бундес лигата, а Томовски беше еден од најзаслужните за овој успех. Македонскиот чувар на мрежата зад себе остави одлична сезона, во која беше меѓу најдобрите голмани во лигата според повеќе статистички параметри.

На 31 натпревар, Томовски собра 273 одбрани, што го рангира на петтото место меѓу голманите во шампионатот. Дополнително, имаше успешност на одбрани од 31,09 проценти и запре дури 21 седмерец.

Покрај сигурноста на голот, македонскиот репрезентативец даде придонес и во нападот. Постигна четири гола и запиша осум асистенции, потврдувајќи ја својата важност во играта на Битигхајм.

Според официјалниот индекс на корисност, Томовски сезоната ја заврши со просечна оценка од 73, што беше доволно да биде избран за најдобар голман во идеалниот тим на сезоната во Втората Бундес лига.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by 2. HBL (@2handballbundesliga)