Женскиот Вардар и понатаму има посебно место во историјата на европскиот ракомет. Според официјалните статистички податоци на Европската ракометна федерација, македонскиот клуб се наоѓа меѓу најуспешните екипи во историјата на завршниот турнир во Лигата на шампионите.
Вардар е на делба на второто место според бројот на настапи на Ф4 турнирите, со вкупно пет учества, колку што има и францускиот тим Мец. Пред нив е само Ѓер со рекордни 11 настапи на завршницата на најсилното европско клупско натпреварување, а Ф4 се одржува од 2013/14.
Зад Вардар на вечната листа се наоѓаат ЧСМ Букурешт, Будуќност, Есбјерг и Кристијансанд со по четири настапи, додека Ференцварош и Брест Бретањ имаат по две учества.
Во периодот од 2014 до 2018 година, Вардар беше редовен учесник на Ф4 турнирот во Будимпешта и важеше за еден од најсилните тимови во Европа. „Црвено-црните“ двапати играа во големото финале, но и во двата случаи останаа без европската круна по драматични завршници против Ѓер.
Иако клубот денес не е дел од европскиот врв како во своите најславни години, Вардар останува запишан во историјата како еден од најуспешните клубови на Ф4 сцената. Во петте настапи освои пет медали – две сребрени и три бронзени, што претставува резултат со кој можат да се пофалат само ретки европски гиганти.
Единствената македонска екипа која успеала да ја освои титулата во женската Лига на шампионите останува Кометал Ѓорче Петров, која во 2002 година се искачи на европскиот трон.
























