Волф е херој – со двојна одбрана го однесе Кил во битка за трофеј во ЛЕ!

Eкипата на Кил е првиот финалист на завршниот турнир во Лигата на Европа, откако во полуфиналето го совлада Монпелје со 29-28. Херој на „зебрите“ е голманот Волф, кој имаше двојна одбрана во последните секунди и спречи реми и продолженија. Претходно Кил водеше и со пет гола, но во вториот дел Монпелје се врати и успеа дури и да води. Противник во финалето на Кил ќе му биде побендикот од германскиот двобој со Фленсбург и Мелсунген.

По 7-7 во првиот дел, Кил почна да ја гради предноста. На голот беше одличен Волф, а триото Пекелер, Начиновиќ и Цербе успешно реализираше во нападот и без поголеми проблеми, Кил дојде до плус четири, 12-8.

Беше и 15-10, но Дебоне на голот на Монпелје исто така беше одличен, а пред паузата францускиот тим успеа преку Касадо и Лен да ја намали највисоката предност на „зебрите“ и на одмор се отиде со 15-12 за германскиот тим.

Во вториот дел Монпелје комплетно се врати во мечот, успеа дури и да поведе со двата гола на Балагер, 20-18 по десетина минути игра. Беше и 21-19, но фрнацускиот тим како да застана тука.

Десетина минути не можеше да го најде патот до мрежата на Волф, Ришер и Плантан промашија пенали, потоа не погоди ниту Мораеш, а за тоа време Кил успеа да погоди пет пати и да ја преземе контролата, 24-19 во последните десетина минути.

Но Монпелје не се откажа, Дебоне одново беше на ниво и францускиот тим на 150 секунди до крајот успеа преку Монте да стигне до реми, 28-28. Јохансон промаши и тимот што го елиминира Вардар тргна во напад за водство. Но сега Монте погреши, па останаа триесетина секунди за победнички гол за Кил. Јохансон даде гол, потоа имаше десет секунди за реми, но Волф одбрани два удари по ред и Кил се пласираше во финалето.

Кај Кил, Волф запиша 13 одбрани, а Јохансон имаше шест гола, додека кај Монпелје, Дебоне имаше 17 одбрани, а Балагер стрелаше осум пати.

Вториот финалист ќе биде познат по вториот полуфинален дуел меѓу германските Фленсбург и Мелсунген што стартува од 15:30 часот.