Андријана Будимир ја однесе Војводина во српската елита!

Легендарната некогашна членка на Кометал Ѓорче Петров, Андријана Будимир, забележа нов успех во својата тренерска кариера, откако со екипата на Војводина избори пласман во српската Супер лига.

Новосадскиот клуб убедливо го совлада Железничар во баражот за влез во елитното друштво и на тој начин го потврди враќањето меѓу најдобрите екипи во Србија. Голем удел во овој успех има новиот стручен штаб предводен од Будимир, која на покана на управата, предводена од легендарната Тања Медвед, ја презеде екипата и за кратко време успеа да внесе победнички менталитет. Во клубот на левата крилна позиција игра и велешанката Пена Граматова.

Будимир зад себе има блескава играчка кариера. Таа е двократна освојувачка на Лигата на шампионите, со трофеи освоени со Кометал Ѓорче Петров и данскиот Шлагелсе. Настапуваше и за европските великани Подравка и Валенсија, а со репрезентацијата на Југославија освои бронзен медал на Светското првенство во 2003 година.

По завршувањето на играчката кариера, Будимир се насочи кон тренерската работа. Својата кариера ја започна во Академијата на Вардар, а подоцна ги водеше машкиот и женскиот Скопје, како и младинските селекции на двата клуба.

Во македонскиот ракомет ќе остане запаметена и како првата жена тренер која со машки тим ја освои Првата лига, откако во сезоната 2020/21 го предводеше Скопје до шампионската титула и пласман во Супер лигата.