ИХФ се пресели во нов дом, челниците на РФМ беа присутни на отворањето

Ново поглавје во историјата на светскиот ракомет започна на 7 мај во Базел, Швајцарија, каде Светската ракометна федерација (ИХФ) свечено го отвори своето ново седиште.

На церемонијата присуствуваа претседателот на ИХФ, Хасан Мустафа, како и почесниот претседател на МОК, Томас Бах, што дополнително ја нагласи важноста на настанот за глобалната спортска сцена.

Меѓу поканетите и присутни на овој настан беа и претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Александар Стефанов, како и генералниот секретар Влатко Тасевски, кои одржаа низа состаноци со челниците на европската и светска куќа на ракометот, како и со преставниците на многубројните поканети федерации.

Со сечење на лентата и интонирање на химната на ИХФ, официјално беше пуштен во употреба објектот кој во иднина ќе биде центар на сите глобални активности на светската федерација.

„Ова е горд ден за нашиот спорт и за нашата федерација. Оваа куќа е симбол на нашата посветеност за развој на ракометот во секој дел од светот“, изјави Хасан Мустафа.

Новата зграда се простира на шест ката и има вкупна површина од 4.869 квадратни метри. Во неа се сместени модерни канцеларии, работни и социјални простории, магацински делови и паркинг-простор, а ќе служи како оперативен центар за координација со сите 211 членки на ИХФ.

Седиштето се наоѓа во срцето на Базел, во близина на историскиот центар на градот и на само неколку минути од границите со Франција и Германија.

Освен административен центар, новото седиште ќе има простории за тренерски семинари, развојни програми, состаноци и форуми. Во иднина таму ќе бидат сместени и ракометен музеј и библиотека посветени на богатата историја на спортот.

За свеченото отворање, ѕидовите на новата „куќа на ракометот“ беа украсени со историски сувенири и 125 фотографии од архивата на ИХФ, кои ја раскажуваат приказната за развојот на ракометот низ целиот свет.