Словенечкиот Целје доаѓа во Охрид со обезбеден плеј-оф во домашното првенство, иако тоа беше со минимален пораз кај Тримо Требње.
Тренерот Клемен Лужар вели дека неговите момци нема да ја бранат предноста од првиот меч, 27-26, туку мора да одат на победа.
„Пред нас е тежок натпревар. Во Охрид нема да ја браниме предноста од првиот меч, туку мора да размислуваме за победа. Знаеме дека нè очекува дуел на жежок терен и пред темпераментна публика, но мора да ги оставиме на страна тие надворешни фактори и да се фокусираме на нашата игра“, изјави Лужар.
Тој додаде дека, и покрај помали здравствени проблеми, ќе може да смета на сите играчи, освен на Маи Маргуч, кој поради повреда веќе ја заврши сезоната.
„Секогаш е убаво да се игра во преполна сала. Не смееме да се исплашиме од пеколната атмосфера, туку мора да се концентрираме на нашите задачи“, уште еднаш потенцираше Лужар.
Натпреварот меѓу Охрид и Целје се игра утревечер во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток од 19:00 часот.


























