Македонија домаќин на СП во училишен ракомет – доаѓаат 21 делегација од цел свет!

Главниот град на Македонија за прв пат ќе биде домаќин на едно од најзначајните младински спортски натпреварувања Светското училишно првенство во ракомет, кое ќе се одржи од 21 до 29 април, во организација на Федерацијата за училишен спорт на Македонија, под покровителство на Министерството за спорт.

Свеченото отворање на првенството ќе се одржи на 21 април со почеток во 19:30 часот на Плоштад Македонија, каде ќе биде организирана богата културно-уметничка програма и дефиле на сите учесници и претставување на репрезентциите.

На првенството ќе учествуваат вкупно 23 машки и 16 женски екипи, односно 21 делегација од различни земји од светот, кои ќе се натпреваруваат во шест спортски сали во Скопје: СРЦ „Македонско сонце“, СРЦ „Архиепископ Доситеј“, СРЦ „Кочо Рацин“, СРЦ „Крсте Мисирков“ и СРЦ „Антон Димитров“, додека финалните натпревари, ќе се одиграат на 28 април во спортската сала “Расадник„ кога ќе се одржи и свеченото затворање на првенството. Со тоа ќе биде заокружен овој значаен спортски настан кој остава траен белег во развојот на училишниот спорт.

„Горди сме што Македонија ќе биде организатор на ова престижно првенство. Ракометот, како спорт со длабока традиција во Македонија, има посебно место во срцата на нашите граѓани и претставува значаен дел од нашиот спортски идентитет. Би сакала да упатам искрена благодарност Министерството за Спорт на Македонија за поддршката и до Светската федерација за училишен спорт за укажаната доверба. Македонија нема да биде само домаќин на спортско натпреварување, туку домаќин на младоста, енергијата и иднината на светот. На едно место се обединети млади спортисти од целиот свет, со различни јазици, култури и традиции, но со една заедничка вредност – љубовта кон спортот“, изјави претседателката на Федерацијата за училишен спорт на Македонија, Елена Мицковска.

Ждрепката за групите на СП, каде ќе играат и машката и женската репрезентација на Македонија ќе се одржи на 20 април.