Претставници на ракометните федерации на Србија, Македонија и Црна Гора одржаа заеднички состанок на кој главна тема беше формирањето на регионални лиги во машка и женска конкуренција.
Машката и женската регионална лига ќе стартуваат од оваа сезона – во машката треба да играат екипи од Србија, Македонија и Црна Гора, додека кај дамите освен екипи од овие три земји ќе играат и од Словенија и Хрватска.
За време на состанокот беа разгледани различни модели на организација на натпреварувањето, вклучувајќи повеќе варијанти на лигашки систем, со цел унапредување на квалитетот на ракометот, зголемување на конкурентноста и зајакнување на регионалната соработка.
Сите учесници на состанокот изразија цврст и единствен став дека заедничките лиги треба да започнат веќе од септември оваа година, со висок степен на организација и професионални стандарди.
Конечната одлука за форматот на натпреварувањето ќе биде донесена на наредниот состанок, кој е планиран за април во Скопје, кога ќе бидат усогласени сите клучни детали и ќе се дефинира конечниот модел на лигите. На наведениот состанок ќе бидат поканети и претставници на клубовите, со цел активно да учествуваат во процесот на донесување одлуки.
Ракометните федерации продолжуваат со интензивна комуникација и соработка со цел реализација на овој значаен проект за развој на ракометот во регионот.

Што добива, а што губи – и треба ли регионална лига на Македонија?























