Голем удар за тимот на Металопластика во продолжението на сезоната, откако стана јасно дека искусниот чувар на мрежата, Дарко Арсиќ, мора привремено да ја прекине кариерата поради сериозни здравствени проблеми.
Клубот официјално соопшти дека на 37-годишниот екс голман на Металург му биле дијагностицирани срцеви проблеми, по што итно бил подложен на хируршки зафат. Лекарите му вградиле стент, а интервенцијата поминала успешно. Арсиќ веќе е пуштен на домашно лекување и го очекува период на рехабилитација.
Од Металопластика информираат дека одлуката за евентуално враќање на терените ќе биде донесена исклучиво по целосно закрепнување и детални лекарски контроли. Во овој момент, приоритет е неговото здравје.
Арсиќ сезонава ја носеше капитенската лента во Металопластика, клубот од кој тргна кон меѓународната сцена. Во македонската јавност е добро познат по настапите за Металург, каде пристигна пред десет години токму од Металопластика.
Во Скопје остана една сезона, но по финансискиот колапс на клубот се врати во Шабац. Потоа следуваа интернационални предизвици и трансфер во францускиот Трембле, како и во израелскиот Рамат Хашарон, пред во 2021 година повторно да се врати во матичната Металопластика.
Дали ова ќе значи и крај на кариерата или Арсиќ ќе се врати меѓу стативите – ќе покаже времето..


























