Димитриоски без конкуренција – стана суперлигашки „крал“ на стрелците

По одиграни 22 кола од регуларниот дел од сезоната во Супер машката лига и пред стартот на разигрувањето за титула и опстанок може да се сумира досега сработеното.

На листата на стрелците убедливо на првото место е левото крило на Прилеп, Димитар Димитриоски, кој досега постигна 143 погодоци.

Димитриоски цела полусезона есента, но и на стартот на пролетната полусезона, игра во одлична форма и е лидерот на тимот на Наум Танески.

Левото крило во просек постигнува по 6,5 голови по натпревар, што е најмногу од сите други ракометари, а има и висока реализација од 81%, што е најдобар процент.

Втор на листата на стрелци е бекот на Еурофарм Пелистер 2, Мохамед Азиз, кој досега даде 137 погодоци, додека на делба на третото место се крилата на Пролет и Струга, Давор Палевски и Наум Костов, кои досега постигнаа по 119 погодоци.

Над 100 гола имаат постигнато Филип Николов (Бутел/Автокоманда 113), Димитар Коцев (Тиквеш 111), Александар Стојков (Куманово 106), Денис Шабановиќ (Прилеп 102), Димитар Узунчев и Тоше Ончев (Бутел/Куманово 101).