Екипата на Младост Богданци обезбеди пласман во групната фаза од Купот на Македонија, откако на домашен терен убедливо го совлада Текстилец од Штип со 36-22 во елиминациското коло.
Но, покрај убедливата победа, натпреварот ќе се памети по уште еден посебен момент. Само неколку дена по сениорското деби на 13-годишниот Лука Лукиќ против Вардар Неготино, ново име запиша први минути во најсилната конкуренција.
14-Годишниот Стојан Иванџиков за првпат го облече сениорскиот дрес на Младост Богданци и не застана само на тоа. Младиот десен бек ја оправда довербата на стручниот штаб и успеа да се запише во листата на стрелци, постигнувајќи гол на своето деби.
Со овој потег, Младост уште еднаш покажа дека не се плаши да им даде шанса на младите, туку напротив, свесно ги гради и полека ги воведува во сениорскиот ракомет.
Пласманот во групната фаза од Купот на Македонија е потврда за квалитетот, но и за визијата на клубот. Со ваков пристап, амбициите во Првата лига не изгледаат како далечна цел, туку како логичен следен чекор.


























