Ракометарите на Охрид по триумфот во првиот натпревар во СРЦ „Билјанини Извори“ со 30-21, запишаа уште една победа над чешката екипа Дукла Прага овојпат на гостински терен со 30-24.
Со пласманот во ТОП 8 во ова натпреварување, амбициозниот Охрид го направи најголемиот клупски успех на меѓународна сцена, а во вторник ќе го дознае ривалот во четвртфиналето.
Во првото полувреме охриѓани имаа контрола на теренот, водеа во повеќе наврати и со три гола, но домаќинот успеваше да се врати во егал, иако Пилиповиќ беше добар. На паузата избраниците на Борис Ројевиќ водеа со 15-13.
Во вториот дел охридските ракометари го засилија темпото, не му дозволија на ривалот да се закани или да помисли на некакво изненадување, па рутинско одработија и ја запишаа шестата победа оваа сезона.
Најдобри стрелци во тимот на Охрид беа Прибетиќ со седум, како и Петриќ и Ојлески со по пет голови, додека голманот Пилиповиќ запиша 12 одбрани. „Гладијаторите“ во вторник го играат мечот со Пролет од Супер лигата, додека четвртфиналето во ЕХФ Европскиот Куп на 28/29 март и 4/5 април.

























